Западните власти се надеваат дека ќе биде постигнат напредок во денешните разговори со посредство на ЕУ меѓу лидерите на Косово и на Србија, во нов обид да се намалат децениските тензии меѓу „балканските воени непријатели“ и да се реши еден од најдолгите спорови во Европа, пишува АП.
По повод новата рунда преговори меѓу Белград и Приштина на високо ниво, АП во својот текст наведува дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти денеска се среќаваат во Охрид.
Агенцијата објави дека двајцата високи претставници привремено се договорија минатиот месец за текстот на планот на ЕУ од 11 точки за нормализирање на односите по конфликтот во 1998-1999 година и прогласувањето независност на Косово од Србија во 2008 година.
Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, кој претседава со денешниот состанок во Охрид, истакна дека сега е време лидерите на Косово, Србија и на целиот Западен Балкан да покажат храброст и да ја споделат одговорноста за успехот на процесот на пристапување кон ЕУ во регионот.
Агенцијата пишува дека Борел смета оти овие разговори ќе бидат фокусирани на тоа како да се имплементира предложениот план на ЕУ кој бара од двете страни да одржуваат добрососедски односи, меѓусебно да ги признаваат официјалните документи и националните симболи.
Решавањето на спорот стана поважно бидејќи беснее војна во Украина и се зголемуваат стравувањата дека Русија би можела да се обиде да поттикне нестабилност на нестабилниот Балкан, каде што има историско влијание.
Ако планот биде имплементиран, тоа ќе го спречи Белград да ги блокира напорите на Косово да бара членство во Обединетите нации и другите меѓународни организации, наведува АП, додавајќи дека рамковниот договор подготвен од Франција и Германија и поддржан од САД не бара експлицитно заемно признавање на Косово и Србија.
АП посочува дека Александар Вучиќ во четвртокот изјавил дека нема да потпише ништо на средбата во Охрид и дека претходно ветил оти нема да го признае Косово или да дозволи да стане членка на ОН.
Од друга страна, Курти рече дека имплементацијата на веќе договореното треба да биде во фокусот на охридските разговори.
Јас сум оптимист, но не зависи од мене дали ова ќе успее или не. Понудив да го потпишам европскиот предлог (на последниот состанок во Брисел), но другата страна не беше подготвена и одби, нагласи косовскиот премиер.
Илјадници српски приврзаници на крајната десница, извикувајќи „Предавство, предавство“, маршираа синоќа во центарот на Белград, барајќи Вучиќ да го отфрли последниот план на ЕУ. Тие носеа голем транспарент на кој пишуваше „Не за капитулацијата“ и повикаа на оставка на српскиот претседател доколку го потпише планот.
Г. Т.