Аудио запис од комуникацијата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и шефот на руската тајна служба, ФСБ, Александер Васиљевич Бортников, беше објавен доцна синоќа на социјалните мрежи. Останува длабока тајна како дошло до овој експресен пробив на најдоверливите руски комуникации.
Извори блиски до руската амбасада во Скопје брифираат дека рускиот прст е вперен кон Северна Македонија, поточно нејзините служби. „Не се веќе наши! Ги изгубивме!“ – му рекол рускиот амбасадор во Скопје на еден свој соработник од невладиниот сектор, инаку и универзитетски професор.
Од снимката се дознава дека еден од руските пранкери, всушност, бил самиот Путин! Слушајќи го разговорот, се дознава и детаљот дека тој го преземал идентитетот на Столтенберг во разговорот со Заев.
На снимката се слуша како Путин, видно расположен, низ смеа, му раскажува на Бортников како го „зезнал“ македонскиот премиер. Од другата страна на линијата следи подолга тишина, а потоа, откако поткашлува и го прочистува грлото, директорот Бортников му се обраќа на својот претседател: „Господине Претседателе, мил мој Владимир… Тоа е многу невнимателно од твоја страна. Знам дека се дружиш со овие пранкери и дека многу сакаш да го имитираш Јенс, ама како директор на КГБ, морам да те предупредам дека овој Заев не е било кој…“
Тогаш, Путин замолчува, па по некое време, тивко прашува: „Што сакаш да кажеш?“
„Види, ти, како стар КГБ-овец, треба да знаеш дека тој навистина е премиер на мала држава, ама Македонија не е неважна за нас. Зошто правевме толкава шпионска инсталација таму? А да не зборувам за тоа дека неговата популарност доби светски размери. Мислам дека можеше со кого сакаш да се заебаваш, ама во овој момент, Заев е последната особа со која требаше да се закачаш. Можев кого сакаш да ти го наместам…“
Повторно тишина. Овојпат, тишината трае толку долго што Бортников мора да ја провери линијата. „Ало! Владимир! Тука си?“
Конечно, Путин проговара: „Види, Саша, те ценам. Знаеш дека имам високо мислење за тебе. Но, за ваква лоша проценка, би можел и да те отпуштам!“
„Како тоа?“ – прашува Бортников со блага вознемиреност во гласот.
„Ништо не знаеш!“ – му подвикнува Путин на шпионот над шпионите – „Па и верверичките во тајгата знаат дека овој Заев е еден од најтолерантните луѓе што ги знаеме! Знаеш ли кому сѐ му прости во изминатите две години откако е на власт? Мислиш дека ќе се налути? Нема шанси! Ќе ни прости и нам, сигурен сум! А сега, остај ме, сакам да го преслушам моето парче од разговорот со него. И друг пат, немој да ми држиш лекции! Дурак!“
Линијата се прекинува.
Снимката е избришана. Кој слушнал, слушнал. Кој не, може сосема или делумно да (не) му верува на овој извештај.
Максимилијан Хартман
Специјален дописник од Санкт Петерсбург
Оградување, одбрана и заштита:
Секоја сличност на овој текст со реалноста е (не)намерна.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.