Миграциите се вроден инстинкт кај секој човек! Се селиме, движиме, шетаме – мигрираме! Овој процес никогаш не бил нов за Балканските земји! Генерации на наши сограѓани мигрирале во минатиот век, втора генерација на Македонци, Албанци, Бошњаци, Турци, Роми и други, се раѓаат вон Балканот! Патот до тие земји честопати им бил сличен ко на денешните мигранти – ирегуларен. Прашајте ги како патувале, на многумина рутата до Словенија им е иста ко на денешните мигранти и бегалци. Миграциите продолжуваат и сега, но нашинците во ЕУ велат дека барањата за азил бавно им се разгледуваат но и одбиваат, па така сведоци сме честопати на депортациите кои ги вршат земјите од ЕУ на наши сограѓани. Бројот на повратници (returnees) е голем, а земјите од ЕУ најавуваат и побрза постапка на враќање.
Македонија како и секогаш, неспремна за овој „феномен“, повратниците најчесто продале се, со надеж дека никогаш нема да се вратат, децата почнале во училиште па ни јазикот повеќе не го владеат. И, ете ги назад во Македонија како бездомници, во земја непозната за нивните мали деца кои штотуку тргнале во германските училишта. А тек, за психолошкиот момент, депресијата, поради „неостварениот сон“ и „неуспехот“, е тука веќе тешко ми е да пишувам! Со овие случаи се соочуваме последната година.
Ова е само краток обид да им објаснам на моите сограѓани кои деновиве дозволуваат по илјадити пат да бидат манипулирани и излажани! Стравот владеел со нив 11 години, па сѐ уште не можат да ја почувствуваат слободата. Кога ЕУ зборува за сагата на бегалците да дојдат до неа и се става на една страна спроти „бранот“ бегалци, Македонија не е на страната од ЕУ туку на страната на земјите кои продуцираат бегалци. Илјадниците со кои ве плашат, не се бегалците од Средниот Исток или Африка, туку нашите сограѓани кои во изминатите 10 години ја напуштиле Македонија и побарале азил во Европа.
По повеќето параметри, Македонија е веќе безбедна земја и не постои причина поради која бараме азил во ЕУ. Македонија единствено не е безбедна земја за бегалците кои бегаат од војна и терор. Станавме „дом“ само за околу 40-те бегалци од Сирија, Авганистан, Пакистан и други земји, кои го изгубија животот тука и нивниот дом е почвата македонска. Бегалците и мигрантите кои транзитираат низ нашата земја и ден денес, се соочуваат со криминал, глад и незаинтересираност од државните органи! Истите органи кои се обврзале дека ќе ги почитуваат меѓународните договори, истите сега „се колнат“ дека за бегалците нема да важат истите! Го знаат тоа бегалците, затоа не постои сила ни закон кој ќе ги натера да останат во Македонија. Бегалците се храбри и достоинствени луѓе, имаат право да бираат каде ќе им биде пребивалиштето! Милиони кои поминаа во 2015-та година, не ја избраа земјата која на нивна мака се збогати, го намирисаа „добредојдето“ во валканите возови! Затоа мои сограѓани, министри, политичари, слепи поддржувачи, бегалците ќе ги видите, не покрај вас во Македонија, туку до вас низ европските земји!
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста
Преземање на содржините под различни услови од наведените не е дозволено, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.