ЦИВИЛ повикува на бескомпромисна акција во одбрана на човековите права и слободи
ЦИВИЛ им го честита 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права на сите граѓанки и граѓани на Северна Македонија и на светот и порачува: Борбата за човековите права и слободи продолжува!
И оваа година, како и сите 22 години претходно, на Меѓународниот ден на човековите права, ЦИВИЛ упатува повик за вклучување на сите граѓанки и граѓани во бескомпромисна акција во одбрана на човековите права и слободи.
ЦИВИЛ ги повикува институциите да манифестираат максимална одговорност и посветеност и ги потсетува дека човековите права и слободи се нивна прва и најголема обврска. Во духот на слободата, солидарноста и толеранцијата, ЦИВИЛ повикува на почитување и заштита на човековите права и слободи.
Обврска на секое општество, на сите институции на локално и национално ниво, на сите носители на одлуки, сопственици на бизнис и на сите луѓе е да ги почитуваат човековите права и слободи. Секој човек ги има истите човекови права и слободи како и сите други луѓе во светот, само затоа што е човек. Човековите права и слободи се неотуѓиви – никој не може да ги даде или да ги одземе, бидејќи тие веќе му припаѓаат на секој човек!
ЦИВИЛ ќе одржи панел дискусија на тема „Родовата еднаквост во Северна Македонија: Меѓу декларациите и реалноста“, денес, 10 декември , со почеток во 11 часот во студиото на ЦИВИЛ во Бизнис центарот „Палома Бјанка“ во Скопје.
Дали жените си ги знаат своите права, колку се заштитени жените во семејствата, општеството, работните места, во брачните заедници, што се прави за намалување на нееднаквоста во однос на правата на жените во земјава, за трајни решенија во однос на дискриминацијата на жените на институционално и општествено ниво, се дел од темите на кои ќе се дискутира на овој панел.
Учеснички на панелот ќе бидат Драгана Стојчевска, режисерка, Елена Димушевска од Национална мрежа против насилство врз жените, Нора Калиќи -Ајо, Алмира Фазли – Иницијатива на жени Шуто Оризари, Николина Кениг – професорка на Филозофски факултет, деканка на Правен факултет, Весна Попоска , Рита Бехадини од Mollëkuqja ( Бубамара), Стојна Митева од Скај плус Струмица. Панелот ќе го модерира Дијана Тахири од ЦИВИЛ.
Настанот ќе се одржи онлајн, преку платформата Zoom, ќе се емитува во живо на каналите на ЦИВИЛ, civil.mk и Јутуб каналот на Организацијата, а содржините што ќе произлезат од панелот ќе бидат објавени на медиумската платформа ЦИВИЛ Медиа на македонски јазик и Drejt.mk на албански јазик.
Панелот е дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
НАСТАНИ
ПРИЗНАНИЕ: Во Собранието на Северна Македонија денеска ќе биде доделена државната награда „Мето Јовановски“.
Станува збор за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.
Како што соопштија од Одборот за доделување на наградата, главни добитници годинава се Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски.
КОНФЕРЕНЦИЈА: По повод Меѓународниот ден на човековите права, Канцеларијата на Народниот правобранител, денеска преку ЗУМ платформата, организира конференција на тема „10. декември, Меѓународниот ден на човековите права – денот на сите граѓани“.
Конференцијата ќе ја отвори народниот правобранител, Насер Зибери, кој воедно и ќе го презентира неодамна изготвениот „Извештај од спроведената анализа за постапувањето на органите по барањата и другите интервенции на Народниот правобранител“.
Обраќање на тема „Човековите права како столб на демократијата“ ќе има Ерик Мејер, вршител на должност амбасадор на САД во Република Северна Македонија, а професорот Светомир Шкариќ ќе зборува на тема „Уставот и Народниот правобранител“.
СЕДНИЦА: Пратениците денеска во рамки на продолжението на 54. седница треба да ја почнат расправата по дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година.
Вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава, а вкупните расходи се проектирани на ниво од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година. За капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, што е за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, со Предлог-буџетот за 2022 година се обезбедува непречено функционирање на функциите во државата, силна финансиска поддршка за економско заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив развој.
ПОСЕТА: Министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски денеска ќе престојуваат во официјална посета на Косово каде ќе остварат средба со министерката за економија Артане Ризваноли. За средбата, како што соопшти Министерството за економија, ќе бидат разменети мислења за прашања значајни за продлабочување на трговската соработка меѓу двете земји, идните проекти и соработката во енергетскиот сектор.
КОНФЕРЕНЦИЈА: Бизнис конфедерацијата на Македонија по повод 20-годишнината од постоењето денеска организира конференција со бизнис заедницата, претставници од Владата и меѓународните организации под мотото „20 години БКМ во функција на бизнисот”.
На настанот, како што е најавено, обраќање ќе имаат вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестици Фатмир Битиќи, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава Џулијан Васало, координаторот на Меѓународната организација на трудот за Северна Македонија, Емил Крстановски и претседателот на Бизнис конфедерација на Македонија, Миле Бошков.
Како дел од конструктивното одбележување на 20-годишнината на БКМ, вицепремиерот Битиќи ќе одговара на претходно поставени прашања од бизнис заедницата, велат организаторите.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев