Советот на Општина Битола на денешната седница, го разгледуваше предлогот на опозицијата за донесување итни краткорочни мерки за справување со аерозагадувањето во Битола.
Предлогот на опозицијата е соработка на Општината и Агенцијата за патишта за да се донесе забрана за движење на товарни возила во центарот на градот, освен за оние за снабдување со леб и лекови.
Исто така, од опозицијата предложија да се користи обиколницата над градот, да се чистат секојдневно улиците околу градилиштата, миење и машинско чистење на улиците во градот и прскање со калциум- магнезиум- ацетат.
Од друга страна, советниците на СДСМ побараа со реализацијата на мерките да се причека, додека не се расчисти ситуацијата со свлечиштето на обиколницата над Битола, на што во моментот работи Општината.
По предложените мерки опозицијата со девет гласа беше „за“, 17советници на СДСМ беа воздржани, а двајцата независни советници одбија да гласаат.
„Денес бевме сведоци на класична партизација и поделба на Битола, и додека едните и другите се натпреваруваат меѓу себе за популиза, Битола се труе и умира.
Ние како независни советници денес не учествувавме во гласањето и нема да учествуваме сѐ додека партиите не ги стават проблемите на Битолчани пред партиските интереси.
По сѐ изгледа ќе треба “да почекаме” Скопје повторно да одлучува за иднината на битолчани и доколку не се случи тоа за брзо време, ќе тргнеме со свои, поинакви, начини за решавање на проблемот“, велат од Поинаку, чии двајца кандидати за советници влегоа во Советот на Општина Битола.
Б.Ј.