На конференцијата „За општество ослободено од корупција“, учествуваше Петар Богојески, активист на ВМРО -ДПМНЕ и еден од иницијаторите на реформите во партијата. Богојески е основач на Институтот за одржливо управување Македонија2.0. Тој говореше за партиските стереотипи и криминалните практики на партиите на власт низ годините.
Според него, сепак, има надеж за Македонија во борбата со корупција, бидејќи ова е држава во зародиш. „За мене општество без корупција е утопија. Во таа смисла градење на такво општество треба да се базира на два столба за да дојдеме до некоја нормална состојба. Тоа е систем правен или институционален и тоа е поединецот кој е дел од тој систем или го воспоставува тој систем. Можеме да ги измислиме или препишеме најдобрите законски акти на светот, но личното поведение, да го практикуваме тоа што сме го запишале на хартија во Република Македонија е нула“, илустрирајќи го аргументот со пример од пропаста на две моќни империи, римската и отоманската империја.
Богојески истакна дека поголема одговорност за корупцијата гледа во десницата, во неговата партија, бидејќи како десничари тие се колнат во поединецот и моралното поведение на идивидуата. Тој додаде дека десницатаво тој поглед сериозно потфрлила.
„Ова укажува дека не е дека имаме многу работа да завршиме, туку дека допрва треба да започнеме и не треба да очајуваме бидејќи држава од не цели 30 години е ништо во светската историја. Ние сè уште сме држава во раѓање. Исто така, кога зборуваме за корупција сите се фокусираме на финансиска корупција или манипулација на одреден тендер. Корупцијата започнува со лажните ветувања на политичките партии за време на изборите “, рече Богојески.
Текст и фотографија: Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети