Високи претставници на ЕУ во Брисел, со кои разговараше ЦивилМедиа, се на иста линија со нивните колеги европратеници во Стразбур, и покрај силната поддршка за отпочнување на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ, сепак, како што велат, уставните измени кои се предходно усогласени со заклучоците на Советот на ЕУ треба да се усвојат, и дека нема да има нови одложувања.
Изворите од Брисел посочуваат дека се посветени на изнаоѓање решенија за земјава да може да напредува во преговорите со ЕУ. Сепак, како што нагласуваат, креативните решенија мора да бие во согласеност со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година.
И тие, исто како и новата еврокомесарка за проширување Марта Кос во вчерашната изјава од Стразбур, нагласуваат дека заклучоците на Советот на ЕУ не можат да се изменат и уставните измени треба да се усвојат, бидејќи не може да се очекуваат нови одложувања за продолжување на процесот на проширување..
Понатаму, изворите го споделија своето уверување дека новата еврокомесарка за проширување посветено ќе работи на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан.
И во Брисел, и во Стразбур впечатокот е дека треба да се искористи геополитичкиот момент за земјава да напредува во процесот на отпочнување на преговорите за членство во ЕУ.
Секако, не заборавија да нагласат дека ЕУ ќе го прифати она за што ќе се договорат Северна Македонија и Бугарија, и на крајот се зависи од тоа како ќе реагира Бугарија, која во моментов е без влада.
Дипломатските кругови во Брисел исто така укажуваат дека треба да се искористи моментумот бидејќи сега е подобрено расположението и расне поддршката меѓу земјите членки на ЕУ за Северна Македонија, но, како што нагласуваатвелат, треба со дипломатски средства да се убеди Бугарија да се сложи на взаемноприфатливо билатерално решение со кое ќе се одблокира процесот на пристапување на земјава во ЕУ.
Од Брисел за ЦивилМедиа
Драган Мишев