„Шефе немам пари за билет може ли без карта да се возам, оти морам да одам во Биро за вработување да се пријавам дека сум невработен, инаку ако не се пријавам на време и од таму ќе ме избришат“, му вели на шоферот на ЈСП, еден мој познаник.
Возачот му возвраќа дека слободно може да се вози, бидејќи денес е бесплатен превозот поради ПМ мерките за намалување на загадувањето на воздухот.
„Е супер!“, извикува и се качува на вториот кат на автобусот. Седнува на неколку столчиња подалеку од мене. По една станица возење, во полн автобус, извикува – Абе Деки, ти си новинар мора да знаеш, кога ќе ни го сменат името? Пробувам да го игнорирам, демек не го слушнав. Повторно настојува – А навистина ли ќе ни го сменат името на аеродромот? Културно му одговарам дека најверојатно ќе го сменат.
Продолжува – А зошто тој главниот од Грција не си го смени името, на пример да се вика Стојан! Веќе почнува да добива поддршка и од останатите патници – Така е!
Другар ми покрај тоа што искористи бесплатен превоз да се пријави во Биро за вработување, ја искористи приликата во автобус да шири бесплатен патриотизам!
Откако заврши длабинската анализа и дебата за името, пред да се симнам од автобус го прашувам – одамна не се видовме, што правиш во животот, работиш ли нешто?
Ми вели, ништо не работам, чепкам нешто приватно колку да имам за цигари, а за јадење пари ми праќаат роднините од странство…
Се симнав од автобусот со дилемата, уште колку ќе нѐ „возат“ со патриотизам без пари и леб!