Деведесет пензионери од општина Центар ќе добијат бесплатна медицинска нега и помош со проектот „Центар се грижи за возрасните“ чие продолжение општината го најавува за следниот месец. Заинтересираните пензионери-жители на Центар за вклучување во проектот од петок (23 март) ќе можат да достават апликација и документи во општинската архива.
Апликантите, или нивни блиски, треба да поднесат фото-копиии од лична карта, од потврда за пензија и од медицински документ за здравствена состојба. Пријавите ќе ги разгледува стручна комисија, која при изборот ќе води сметка за социјалниот статус, финансиската и здравствената состојба на лицето кое аплицира за помош.
– Оние граѓани кои ќе добијат вакви субвенции, како и досега, првично ги посетува социјален работник, кој ги нотира нивните потреби од медицинска нега. Потоа, земајќи ги предвид индивидуалните потреби на секој граѓанин, се одредуваат бесплатните услуги и помош која треба да му се пружи на секој корисник одделно, соопшти општина Центар.
Лиценцирани негуватели ќе ги посетуваат лицата три пати неделно. Оваа година е предвиден поголем буџет за проектот и на барање на граѓаните, возрасните лица на располагање ќе имаат и физиотерапевт, медицинска сестра и психолог во зависност од потребите на корисниците, најави општината.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.