Косовскатата полиција соопшти дека премиерот на Косово, Рамуш Харадинај повеќе не е на листата на лица по кои Интерпол има распишано меѓународна потерница.
Според полицијата, од списокот на Меѓународната организација за криминалистичка полиција се избришани вкупно 18 лица кои ги бара Србија.
Електронското издание на приштинскиот весник „Експрес“ наведува дека овој чекор следи веднаш по посетата на седиштето на Интерпол во Лион на косовскиот министер за внатрешни работи Фљамур Сефај и директорот на полицијата Шпенд Манџуни.
Се уште не се знае што разговарале таму, но веднаш по нивниот престој од листата на Интерпол се отсранети 18 лица, меѓу кои и Харадинај, наведува „Експрес“.
Весникот тврди дека уште пред апсењето на Харадинај на 4 јануари годинава во Франција врз основа на меѓународна потерница издадена од Србија, косовската полиција побарала од Интерпол од неговата листа на лица по кои се трага да бидат избршани сите Косовци кои ги бара Белград под обвинение за воени злосторства извршени за време на конфликтот на Косово.
Меѓутоа, порталот Индексонлајн тврди дека Интерпол ги отстранил од својата листа 18-те лица на барање на Србија, која се откажала од потерниците.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини.