УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Што им текна, така наеднаш, на „десните“ и „левите“ раце на Никола Груевски да се расприкажат толку многу во судница за тоа како се финансирала ВМРО-ДПМНЕ за време на нивното владеење? Од каде таа нагла потреба, после неколку години судски рочишта и нешто постари обвиненија – да, да, од „дискредитираното“ СЈО – сега речито да раскажуваат за заклучените партиски сефови (на кои, како што изгледа, само пребеганиот Груевски им ја знаел комбинацијата на бравите), за донации во илјадници евра „на рака“ (всушност, само ова обвинение го товари Груевски за присвоени 1,3 милиони евра) на толку возљубениот лидер, за меркани плацови на планински падини?
Сето тоа било „од здравствени причини!“, итно реагираше Груевски од Будимпешта како одговор на сведочењата на своите некогашни соработници, објаснувајќи дека сакал да гради по лекарски рецепт, бидејќи многу бил загаден воздухот во Скопје, а тој имал проблем со хронично кашлање…, , читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „ Шепотења на перница“
ЦИВИЛ денеска организира јавен настан „Рендгенска снимка на Пописот“, со почеток во 11 часот во хотелот „Сити парк“
Како се спроведе, кои беа предизвиците и кои се перспективите на пописот на населението 2021? – е главното прашање на кое ќе одговорат директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, потпретседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија Габриела Кулебанова и претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала. Настанот ќе го модерира Дијана Тахири од ЦИВИЛ.
Настанот ќе се емитува во живо на Фејсбук и Јутуб каналите на ЦИВИЛ, а содржините што ќе произлезат од панелот, ќе бидат објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ. Медиумите ќе може да се вклучат преку Зум линкот кој ќе биде доставен.
Настанот е дел од проектот „Граѓански објектив“ кој ЦИВИЛ го спроведува со финансиска поддршка од Националната фондација за демократија (National Endowment for Democracy)
НАСТАНИ
ДЕМОНСТРАЦИЈА: На Меѓународниот аеродром Скопје и во воздушниот простор над главниот град денеска ќе биде организирана активност со цел демонстрирање на начинот на изведување на мисијата на НАТО за воздушно патролирање над Северна Македонија.
Како што соопштија од владината прес-служба, за време на планираната активност, медиумите и пошироката јавност ќе можат да се запознаат и да посведочат за начинот на кој се изведува воздухопловното патролирање, како и да се запознаат со борбените воздухоплови на НАТО Ф-16 и АВАКС кои ќе бидат вклучени во оваа активност. На настанот ќе присуствуваат претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и високи гости од Собранието и Владата, командантот на НАТО центарот за комбинирани воздушни операции во Торехон – генерал потполковник Фернандо Де Ла Круз Каравака и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски. По завршување на настанот, обраќања ќе имаат министерката Шекеринска и генералот Де Ла Круз. Со овој настан, ќе се одбележи официјалното вклучување на воздушниот простор на Република Северна Македонија во системот на НАТО воздушно патролирање.ПАНЕЛ: Панел-дискусија „Истанбулската конвенција и новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените – што ќе се промени во пристапот за спречување и заштита од насилство врз жените?“ ќе се одржи денеска во Скопје, во организација на канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации –УНФПА во соработка со Британската амбасада.
Со панел-дискусијата ќе биде означен почетокот на проектот „Спречување и заштита од родово базирано насилство во Северна Македонија“, финансиран од Британската амбасада во Скопје, што го спроведува УНФПА.
На панел-дискусијата, како што најави организаторот, ќе се обратат министерката за труд и социјалнa политикa Јагода Шахпаска, сопругата на претседателот Елизабета Ѓоргиевска, британската амбасадорка Рејчел Галовеј, шефот за соработка на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, Стефен Худолин и постојаниот координатор на ОН во Република Северна Македонија, Росана Дуџак.
Модератор на панел-дискусијата ќе биде шефицата на канцеларијата на УНФПА во Република Северна Македонија, Афродита Шаља Плавјанска.
ДИСКУСИЈА: Онлајн дискусија насловена „Медиумското известување во контекст на КОВИД-19: Заедно спасуваме животи!“ ќе се одржи денеска со учество на претставници од медиумите. Дискусијата е во организација на Регионалната канцеларија на Светската здравствена организација за Европа и Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија, во соработка со НВО Инфоцентарот.
Како што посочуваат организаторите, пандемијата на КОВИД-19 и одговорот на неа се придружени со масовна „инфодемија“, т.е. изобилство од информации – некои точни, а некои не, што на обичните луѓе им го отежнува пронаоѓањето на веродостојни извори на информации и упатства.
-Медиумите играат клучна улога во пренесувањето информации кои можат да направат разлика меѓу животот и смртта. Медиумските куќи се клучни адути на системот за јавно здравје во обликувањето на јавните перцепции за ризиците, како и во таргетирањето на заедниците со пораки за заштита на здравјето. Целта на овој онлајн настан е да овозможи дискусија за тоа како медиумите можат да одиграат позитивна улога во одговорот на пандемијата на КОВИД-19 преку прецизно, етичко и одговорно известување, велат организаторите.
КОНФЕРЕНЦИЈА: Во насока на одбележување на Меѓународниот ден посветен на борбата против корупцијата – 9 Декември, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска организира конференција „Избери го вистинскиот правец! Избери интегритет!“
Во рамки на конферецијата, на која ќе учествуваат релевантни државни институции и меѓународни организации, а која ќе биде хибридна, ќе се обратат претседателка на ДКСК Билјана Ивановска, потпретседател на Собранието Горан Мисовски, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Џулиан Васало и претседателот на ГРЕКО Марин Мрчела.
Конференцијата за одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата е дел од проектот „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација”, финансиран од Европската Унија.
СЕДНИЦА: Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници ќе одржат Комисијата за надворешна политика и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за надворешна политика се повеќе предлог закони за ратификации на меморандуми за разбирање и договори во повеќе области со Турција, Франција, Албанија и со Косово, како и Предлог закони за ратификација на измените и дополнувањата на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и ЕФТА државите и на Меморандумот за разбирање за олеснување на патниот транспорт на стоки во регионот на Организацијата за црноморска економска соработка.
На дневен ред на оваа комисија се и предлог одлуките за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија, заради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на државата, Предлог одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на целата територија на државата заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, како и Предлог одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите.
Членовите на оваа Комисија ќе го разгледаат и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа во прво читање.
ПОСЕТА: Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска и утре ќе престојува во посета на Сојузна Република Германија каде ќе се сретне со високи претставници на новоформираната германска Влада.
РАБОТИЛНИЦА: Работилница на тема „Дигитална трансформација, податоци и вештачка интелигенција во Западниот Балкан“ од денеска до сабота ќе се одржи во Скопје. Работилницата ја организира Заедничкиот истражувачки центар на Европската Комисиja, а коорганизатори се Уиверзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (FAO) и Глобалното управување со гео-просторни информации на Обединетите Нации (UN GGIM).
На отворањето на работилницата најавени се обраќања на министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, Карлос Торецила Салинас, шеф на единицата во Заедничкиот истражувачки центар при Европска Комисија, Џулијан Васало, заменик шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија и Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.
На тридневниот настан најавено е учество на околу 50 учесници од 11 земји.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев