ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
НАСТАНИ
ПОВОРКА: Со два воено-транспортни авиони денеска во 9 часот од Бугарија се очекува на Меѓународниот аеродром Скопје да пристигнат посмртните останки на 45 граѓани кои загинаа во сообраќајната несреќа на автобусот на „Беса транс“-Скопје, што се случи на 23 ноември на автопатот „Струма“ во близина на градот Перник.
По пристигнувањето, како што најавија од МНР, поворката ќе се движи по однапред утврдена патека до и низ главниот град.
Во периодот од 10 до 13 часот граѓаните ќе може да оддадат последна почит и да положат цвеќе на плоштадот „Скендербег“ и да ја проследат поворката која ќе помине по булеварот веднаш до плоштадот, во периодот меѓу 11 и 12 часот. Од плоштадот ќе може да се проследи колоната со возилата која ќе се движи по булевар „Гоце Делчев“, кон крајните дестинации (домовите) на загинатите. На плоштадот „Скендербег” граѓаните ќе имаат можност преку видео екран да го следат настанот, со цел достоинствено да оддадат почит кон загинатите сограѓани.
ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ: Во организација на канцеларијата на Народниот правобранител, денеска во Скопје ќе се одбележи 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, а воедно и 10-годишнина од ратификација на Конвенцијата на Обединетите Нации за права на лицата со попреченост.
СЕДНИЦА: Централниот совет на Алтернатива вечерва во Тетово треба да донесе конечна одлука дали ќе биде дел од Владата. Седницата на Централниот совет на Алтернатива е закажана во 19 часот во партиското седиштте во Тетово.
КАНДИДАТУРИ: Рокот за поднесување кандидатури истекува попладнево во 16 часот. Дотогаш се очекува Јован Деспотовски да соопшти дали ќе биде четвртиот кандидат за партиски лидер, а можност за влез во изборната трка најави и Миле Зечевиќ. Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Властимир Алексовски засега се тројцата официјални кандидати за претседател на СДСМ.
ФОРУМ: Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го продолжува учеството на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан што во организација на словенечкото Претседателство со ЕУ се одржува во Брдо кај Крањ во Република Словенија, каде во текот на трите работни сесии посветени на миграцијата, борбата против тероризмот и справувањето со организираниот криминал, ги презентира стратешките цели и активности на нашата земја од сферата на безбедноста и спроведувањето на законите.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев