Комесарот за човекови права на Врховната Рада, Људмила Денисова, преку Телеграм упати апел до ОН и Црвениот крст да ги преземат сите мерки во согласност со нивните мандати за евакуација на ранетите војници од фабриката за челик Азовстал во безбедни региони во Украина, пренесува Укринформ.
„Ги повикувам ОН и Црвениот крст да ги преземат сите мерки во согласност со нивните мандати за евакуација на ранетите војници од Азовстал во безбедните региони на Украина, каде што ќе им се пружи медицинска нега и соодветна грижа“, рече Денисова.
Според неа, „со отворени рани, без потребните лекови, во нехигиенски услови – во такви нехумани услови се ранети и осакатени бранителите на Мариупол, војници на Националната гарда на Азов“.
Таа појасни дека бранителите на Мариупол прават нечовечки напори секоја минута да ја одбранат последната пункта на градот и не се двоумеле да се жртвуваат за да ја спасат Украина и светот од целосно зло. Сега светот мора да ги спаси“, рече украинската омбудсманка.
„Согласно член 16 од Женевската конвенција во однос на заштитата на цивилните лица во време на војна, болните и ранетите се под посебна заштита и посебна почит. Член 3 од Конвенцијата за подобрување на состојбата на ранетите и болните во Вооружените сили ги обврзуваат страните да се однесуваат хумано кон повредените во сите околности“, рече Денисова.
Руската инвазија на Украина предизвика една од најголемите хуманитарни катастрофи во Мариупол. Градот остана без снабдување со енергија, вода и гас.
Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, изјави дека од почетокот на руската инвазија околу 20.000 цивили во градот биле убиени.
Повеќе од 100.000 цивили остануваат заробени во Мариупол. Напаѓачите им ги одземаат украинските пасоши на жителите на Мариупол и насилно ги депортираат во Русија и окупираните региони Доњецк и Луганск.
Војниците на Азовскиот полк, Националната гарда, украинските маринци и моторните пушки продолжуваат да го бранат опколениот град, 21 ден подоцна од прогласеното „ослободувањето “ на Мариупол, на 21 април, кога рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека вооружените сили на Русија и на Доњецката народна република, го ослободиле Мариупол. Според Шојгу, дел од „националистичките“ формации се засолниле во индустриската зона на фабриката „Азовстал“, и дека , на руските војници им требаат три до четири дена, за да ја довршат работата на „Азовстал“.
Истиот дена, чеченскиот лидер Рамзан Кадиров изјави дека руските сили дента, на 21 април, ќе имаат целосна контрола над фабриката за челик Азовстал во Мариупол.
– Пред ручек или после ручек, Азовстал ќе биде целосно под контрола на силите на Руската Федерација, рекол Кадиров во аудио порака.
Дваесети еден ден подоцна , сеуште се водат борби и се врши гранатирање на Азовстал.
Подготви: Д.Мишев