На заедничката прес-конференција со министерот за внатрешни работи, претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала упати апел до граѓаните да се воздржат од говор на омраза.
„Гледаме дека дисеминацијата на говорот на омразата и повиците на насилство во поглед на престојниот референдум се интевизирани и можат да придонесат кон понатамошни ескалации и опструкција на основното и фундаментално право на човекот, а тоа е правото на глас. Ние сметаме дека говорот на омраза и заканите против луѓето што сакаат слободно да се изразат на референдумот се сериозна опструкција на демократскиот процес, тоа е кривично дело и е неприфатливо“, изјави Дерала.
Тој го повика Основното јавно обвинителство да постапи во сите случаи во кои ќе се забележи и извести за говор на омраза или заплашување и насилство против оние кои сакаат да излезат на гласање на референдумот, без разлика дали ќе гласа некој за или против.
Дерала истакнува дека Основното јавно обвинителство е многу бавно и очекува во иднина случаите кои имаат говор на омраза да бидат брзо санкционирани.
„На говорот на омраза не треба да се врати со говор на омраза во ниту еден случај, а уште помалку со насилство. На повиците на насилство и говор на омраза треба да се одговори со позитивни пораки, разговор и со насмевка“, додава тој.
Дехран Муратов
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Ариан Мехмети