„За нас како организација, навистина беше важно што граѓанките и граѓаните, навистина ја знаат разликата меѓу патриотизмот и национализмот. Тие многу добро знаат што значи да се сака сопствената држава, но многу добро знаат и кои се последиците под изговор на љубовта кон земјата да се мразат одредени заедници“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ на панел дискусијата „Патриотизам – да, национализам -не“.
Дерала на почетокот им се заблагодари на сите учесници, колумнисти и оние што се согласија на видео интервуја, за нивната соработка во истоимениот проект, чија цел беше да се мапираат ставовите и мислеањата на оваа тема, а токму тие како креатори на јавното мислење дадоа свој придонес во разобличување на разликите и релациите меѓу патриотизмот и национализмот.
„Нашата организација, јасно, гласно и недвосмислено кажува дека национализмот е алатка со која се служат деструктивните елементи и структури во Република Македонија. Тие го попречуваат демократскиот процес. Наша сериозна забелешка е упатена до институциите. Ти едноставно не знаат или не сакаат или имаат други приоритети, па не сакаат да се справат со големите проблеми што национализмот, говорот на омраза, лажните вести, повиците на насилство ги предизвикуваат во земјата, истакна Дерала.
На крај, тој преку илустративни примери посочи на отпорот кон национализмот, посочувајќи на јасната граница на неговата ирационалност, преку креативното разобличување на говорот на омраза како придружен елемент.
„Во поствоена Босна, 1995 година, прашувам човек, накратко да ми опише за што беше оваа војна, што претставуваше, а тој ми одговори: ‘Знаш’ болан, ово ти је био рат рокенрола против народне музике’. Се надевам дека рокенролот ќе победи“, заврши Дерала.
Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов
Текстот е дел од проектот „Патриотизам ДА, национализам НЕ!“ што го спроведува ЦИВИЛ со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на овој текст е единствена одговорност на ЦИВИЛ и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.