Државната изборна комисија на денешната 35-та седница ја поништи предложената измена на упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња во пресрет на вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат на 31 октомври.
Предложената измената, која сега е поништена, предвидуваше за важечки да се сметаат и гласачките ливчиња без печат, во ситуации кога е направен пропуст од страна на Избирачкиот одбор. Во оваа ситуација за важечки ќе се сметаат само ливчињата со задолжителен печат.
Борис Кондарко, член на ДИК истакна дека предложената измена донесена вчера, произлегува од пресудата на Управниот суд да прогласи ливчиња без печат за важечки, а ДИК во тоа не учествуваше, поради што на едно избирачко место во Шуто Оризари ќе има прегласување. Покрај Шуто Оризари, прегласување ќе има и на едно избрачко место во Дебар.
Втор круг од локалните избори ќе има во 44 општини.