УТРИНСКИ КОЛУМНИ
А, ако денот по утрото се познава, само нивната градоначалничка во Скопје ќе произведе толку медиумско-комуникациски контроверзи, што можеби и самото ВМРО-ДПМНЕ ќе треба повремено да се дистанцира од неа. Како што се чини, дури и 100-те дена мир од пристојност, по освојувањето на власта, Данела Арсовска е на добар пат да ги истроши за половина од тој рок. А, потоа – ролокостер 24/7!, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Пост-новогодишната меѓупартиска забава може да почне!“
Како судирот меѓу националното и мултикултуралноста. Еднотo ти е наследство, а другoто ти е предизвик. Не сеќавањето на домот и неговата топлина, туку судирот е околу митот за минатото од кој не можеме да се оттргнеме и различностите кај другите, кои нѐ мамат со својата непознаница сѐ додека не се судриме со туѓите митови и наследства. Како убавината на семејството на брачниот другар, во првите неколку месеци или години. После, постепено се враќаш кон познатото и закрилата на сопственото семејство. Тогаш, своето и познатото го издигнуваш на пиедестал, давајќи му многу поголема вредност од неговата вистинска. Така, според мене, националната гордост прераснува во нетрпелив национализам, идеализирање на работите кои одамна станале мит, ама се подгреваат на огнот од стравот пред различното и туѓото, пишува Војо Маневски во колумната „Различности и сличности“.
Македонија назадува. Од моментот на осамостојувањето до денес, таа оди по надолна линија. Можеби не формално, меѓутоа фактички, ако се стави во сооднос со движењето и развојот на другите држави (поблиски и подалечни).
Одот надолу е резултат на постојано опстојување на најнеспособни, најнеуки и најпримитивни раководни структури.
Едноставно, резултатите кажуваат сè. Тие зборуваат појасно и поразбирливо и поочигледно од сите партиски реклами, политички говори, добро платени спотови и ретуширани билборди, колумна на Мирјана Најчевска „Силување на демократијата“
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
НАСТАНИ
ДЕБАТА: Јавна дебата на тема „Ризикот од корупција при издавање на одобренија, решенија, лиценци и дозволи во областа на транспортот и спроведување на надзор“, ќе се одржи денеска преку електронската платформа Зум, во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
На настанот, како што е најавено од ДКСК, обраќање ќе имаат министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорката на Царинската управа Славица Кутиров, директорот на Државниот инспекторат за транспорт Руфат Хусеини и претседателката на ДКСК Билјана Ивановска
ФОРУМ: „Сиромаштијата кај децата во Северна Македонија – семејните примања не се единствениот фактор“ е темата на денешниот форум што го организираат Канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија и Finance Think – Институт за економски истражувања и политики во Скопје.
На форумот ќе се дискутира и ќе се презентираат резултатите од првиот индекс за повеќедимензионална детска сиромаштија за земјата.
Најавено е обраќање на претседателот Стево Пендаровски и на претставничката на УНИЏЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани.
НАУЧЕН СОБИР: Петтиот Светиклиментов научен собир на тема „Сеќавање (па́мѧть)“, во организација на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, ќе се одржи денеска онлајн на платформата Зум.
Собирот ќе го отвори Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва г.г. Стефан, а ќе може да се следи во живо и на Јутјуб каналот и на фесјбук страницата на Факултетот.
Предвидени се две работни сесии, на кои професори и теолози ќе имаат излагања на повеќе теми.
ВЕБИНАР: Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска организира вебинар на тема „Стереотипи и предрасуди – нивното зацврстување преку медиумите“.
На вебинарот што ќе се одржува онлајн, ќе се дискутира за известувањето за маргинализираните групи и за медиумското покривање на темите поврзани со ЛГБТИ заедницата и родово заснованото насилство.
Вебинарот е во рамки на проектот „Дигитално организирање на ЦИЕ“ во партнерство со Union to Union, Меѓународната Федерација на новинари (IFJ) и Шведските Синдикати на новинари.
РАБОТИЛНИЦА: Работилница „Услужен сектор и ЦЕФТА: Што обезбедува ЦЕФТА дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги“ ќе се одржи денеска во организација на Секретаријатот на ЦЕФТА во соработка со Стопанската комора на Северна Македонија и Коморскиот инвестициски форум.
– Како трговски договор, ЦЕФТА значително ја подобри и поттикна трговијата со стоки на Западен Балкан, дејствувајќи како катализатор за иницијативи насочени кон продлабочување на економската соработка и создавање заеднички пазар на Западен Балкан, како што е т.н. Берлинскиот процес и иницијативата за отворен Балкан. ЦЕФТА Дополнителниот протокол 6 за трговија со услуги беше усвоен во 2019 година и стапи на сила на 11 јануари 2021 година. Овој документ го прошири принципот на слободна трговија во рамките на ЦЕФТА и на услужниот сектор, наведуваат од ЦЕФТА.
КАМПАЊА: Министерството за финансии и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) денеска ќе го означат почетокот на кампањата „Внеси боја во сивата економија“.
На настанот најавено е обраќање на министерот за финансии Фатмир Бесими и заменичката на постојаниот претставник на УНДП во Северна Македонија, Сања Бојаниќ.
Како што соопштија организаторите, целта на оваа кампања е подигнување на свеста за последиците од сивата економија, нејзиното влијание врз животот на секој граѓанин и потребата од нејзино намалување, како и нагласување на фактот дека секој од нас може да придонесе за нејзино намалување.
КОНФЕРЕНЦИЈА: Инвестициска конференција – Развој на првата „зелена“ економска зона – Гевгелија ќе се одржи денеска во Скопје во организација на ТИРЗ.
ТИРЗ заедно со меѓународните партнери „Дилојт“ изработи студија на изводливост која нуди нови инвестициски модели и можности за инвестирање за широк опсег на индустрии.
– Во согласност со новиот концепт на ТИРЗ за привлекување инвестиции, индустриската развојна зона Гевгелија ќе се фокусира на поддршка на зелените индустрии во согласност со зелената агенда на ЕУ, а покрај производствените компании во зоната ќе има можности за инвестиции поддржани од државата во секторот на здравствени услуги, се вели во соопштението од ТИРЗ.
Ова, како што посочуваат, е дел од новиот пристап за развој на ТИР Зоните, а зоната во Гевгелија е пилот модел по кој ќе се развиваат и други вакви индустриски зони низ земјата
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев