ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Новогодишните празници секако ќе влијаат врз отапување на целосниот ефект на последните немири во Црна Гора, во непосредна близина на главниот град Подгорица. Протестите предизвикаа блокади во патниот и железничкиот сообраќај и вознемирување кај аеродромските власти, бидејќи разјарената толпа стигнала и пред вратите на воздушното пристаниште. Немирите се дел од отфрлувањето на еколошки проекти во оваа земја, позната по нив, па така тие стануваат и политички, како на внатрешен, така и на надворешен план!
Ако внимателно се читаат вестите што доаѓаат од оваа земја се забележуваат два парадокси. Најпрвин, дека поводот за немирите – изградба на пречистителната станица за отпадни води – не е загадувачки фактор, туку е во функција на создавање на здрава животна средина и е во полза на сите граѓани. Вториот парадокс е политички – против изградба на овој систем се јавува практично само една партија. Таа во подрачјето каде што има влијание веќе организираше референдум и тоа го смета за „закон“ ама тој строго правно гледано не е и обврзувачки.
Политичкиот проблем се однесува на тоа што и територијално референдумот е спорен – во областа на Зета одлучуваат за проект кој е на територијата на главниот град, значи формално тоа е друга општина, иако демаркацијата сè уште не е докрај завршена – нагласува премиерот Милојко Спаиќ кој тврди дека интервенцијата на полицијата е легална.
Како и да е, референдумот дал одговор – убедливо „не“ за колекторот, па вревата на багерот како знак на отпочнување на работите предизвика „излегување на народот“ на претпоследниот ден од 2025 година. Приведени се 50 лица, а меѓу нив е и претседателот на општина Зета, Михаило Асановиќ од Демократската народна партија, додека Милан Кнежевиќ, претседател на оваа партија и член на владејачката коалиција, самиот влезе во полициската станица, објавија подгорички Вијести.
Кнежевиќ лажира апсење во Подгорица, а Вучиќ „протестира“ во Белград
Факт е, а тоа се виде од ТВ вестите, дека Кнежевиќ само влезе во „марицата“ која не ни тргна во било кој правец, па таму технички никој не го приведе, а по кусо стоење во место на возилото, тој мораше да излезе од возилото. Но затоа во негова одбрана, како жртва на наводни репресалии, истиот ден пред ТВ камерите во Белград два пати „протестираше“ претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Еднаш за време на конференција за печат после седница на Советот за безбедност, а многу поексплицитно подоцна во изјава по повод наводното апсење на споменатиот Кнежевиќ што фактички не се случи, а во што му се придружи и министерот за култура, Никола Селаковќ.
Со таква надворешна поддршка, а веројатно и насока за делување, Асановиќ од Демократската партија најави излегување на неговата партија од коалиционата влада. За волја на вистината, партијата на Кнежевиќ има четири пратеници во Собранието на Црна Гора, и само ако кон неа се придружи и другата просрпска партија, онаа на Андрија Мандиќ, кој е и претседател на Собранието, опстанокот на владата би можел навистина да биде загрозен. Споменатиот Мандиќ побара итна седница на Советот за одбрана и безбедност. „На Црна Гора ѝ се потребни „мир и стабилност“, изјави тој. Потоа рече и дека засега нема да го води Парламентот, а ако сака некој друг – „нека го води“.
Инаку, жителите на Зета се против колекторот бидејќи се плашат дека таков објект наводно би ја загадил животната средина, додека властите го истакнуваат спротивното. Со години, отпадните води од канализацискиот систем најчесто се влеваат непречистени во реката Морача, а потоа понатаму во Скадарското Езеро, најголемото на Балканот.
Планот на властите во Подгорица да го решат проблемот со отпадните води со изградба на колектор во соседната општина, кој со години е дополнителен загадувач на водите, е да создаде ситуација да нема непречистена вода што се влева во реката Морача, а потоа и во Скадарското Езеро. Згора, местото каде што треба да се гради колекторот околината е многу загадена и од друг причинител. Таму се наоѓа индустриската зона на поранешната Фабрика за алуминиум (КАТ), што значи дека таа „плодна равница“, како што велат бунџиите е само мислена именка. Бидејќи, иако КАП не работи две децении, базените со црвена кал што останаа по производството на алуминиум сè уште им предизвикуваат вознемиреност на мештаните, поради што многумина се иселија од областа, објавија подгорички Вијести.
Патот до независноста на Црна Гора оди преку идејата за еколошка држава
Битно е да се подвлече дека прочистителната станица е дел од проектот „Црна Гора – еколошка држава“ кој според зборовите на постарите црногорски политичари е дел од процесот за осамостојување на Црна Гора од федерацијата со Србија. Тоа се случуваше во времето кога се носеше т.н. Жабљачки устав, за кој се вели дека е плод на работата на македонскиот професор по уставно право на Правниот факултет, д-р Светомир Шкариќ, кој требаше да најде решение таа федерација да опстои, а според сеќавањата на Момир Булатовиќ во книгата „Помалку од игра – повеќе од живот“ се појавил еден научник со спасоносна идеја.
„Токму во деновите и месеците во кои ги распределувавме овие тешки мисли и трескаво баравме начини да се ослободиме од морето… се појави спасоносна идеја“, напиша првиот претседател на оваа земја, Булатовиќ, „д-р Драган Хајдуковиќ, физичар со неверојатна моќ на имагинација… ја претстави идејата Црна Гора да стане првата еколошка земја во светот“. Така, точно пред 30 години Црна Гора беше наречена еколошка држава во уставот. Го објаснува ли ова ставот на „оставената“ Србија кон црногорската сувереност?
Денес, д-р Хајдуковиќ има кариера во Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН), а за Би-Би-Си вели дека тоа не било само идеја за заштита на природата. „Ние сме мала нација која може да стане голема само ако се издигне на висина на пример за нешто добро“, вели Хајдуковиќ. „Тоа добро требаше да биде екологијата“.
Во месецот во кој државната влада најавува бројни еколошки проекти со цел „да се воспостави односот на државата со природата“, а бројни еколошки организации протестираат против нејзиното уништување, Хајдуковиќ вели дека „се слават 30 изгубени години“.
Физичарот Хајдуковиќ со години работел во ЦЕРН за да ја докажат својата теорија за биполарност на гравитацијата. Тој го вовел концептот на квантен вакуум, за кој верува дека ја претставува реалната состојба на материјата, како и течната, цврстата и гасната, а сега чека неговата теорија да биде потврдена во научните кругови.
Сепак, кога пред три децении ја предложил екологијата како водечки принцип на Црна Гора, тој сѐ уште не ја постигнал целта. За Хајдуковиќ, еколошката држава не била само проект за заштита на природата, туку можност за промовирање на целата идеја. „На пример, очекувавме поддршка од почитувани актери од целиот свет за концепт кој сега е навистина голем во светот“, вели научникот. Хајдуковиќ признава дека на тој состанок во Жабљак се разишол од Булатовиќ, кој бил за опстанок на Југославија, односно сојуз со Србија, а тој сметал дека неговата земја треба да стане независна.
Тој официјално се вратил во политиката на земјата во 2018 година, кога се кандидирал како независен кандидат на претседателските избори.
Кочија што коњите ја влечат на различни страни
А биологот и еколог Вук Иковиќ одговара на прашањето на Би-Би-Си – каде се наоѓаат најголемите природни дупки во Црна Гора. Тој го предводи движењето што се противи против изградбата на мини хидроцентрали кои и во Македонија направија пустош во некогаш чистите еко средини, а донесоа профит за малкумина (кај нас и за актуелниот премиер, меѓу другите). Тој вели дека еколозите во Црна Гора се судираат самите со себе и не соработуваат. За Би-Би-Си вели дека тие се качени во кочија влечена од четири коњи кои влечат секој на своја страна.
Иковиќ работи во невладината организација КОД во Црна Гора и смета дека „раководството на земјата сè уште се сомнева дека реките, шумите, копното и морето се навистина загрозени, бидејќи тие претежно ја оценуваат ситуацијата од канцеларија“.
„Се фалиме дека дури 70 проценти од нашата територија е под шуми, а го игнорираме фактот дека половина од тие шуми се со лош квалитет бидејќи еднаш биле исечени и изгорени“, изјави тој. „Се промовираме како туристичка земја, а повеќето градови испуштаат отпад и отпадни води во реките и морето. Издаваме сместување во хотели чии отпадни води завршуваат во реката што се влева на плажа, каде што им изнајмуваме лежалки и чадори на истите туристи.“
Како пример за насилна урбанизација, Иковиќ ја споменува практиката во Европската Унија градот да има од 25 до 50 квадратни метри зелени површини по жител. „Подгорица има само три квадратни метри по лице“, вели тој.
Како може да биде во согласност со законот, ако е забрането да се гради во заштитени подрачја?
Според Алмер Мекиќ од невладината организација Евромост, Дурмитор, местото каде што политичарите се состанаа пред 30 години за да се договорат за еколошкиот пат на земјата, има најмногу реки во заштитеното подрачје. Истото важи и за подрачјето околу планината Проклетие. „Таму беа изградени две мини хидроцентрали токму во заштитеното подрачје, а на луѓето им беше кажано дека сè е направено во согласност со законот“, вели Мекиќ. „Како може да биде во согласност со законот, ако е забрането да се гради во заштитени подрачја?“.
Мекиќ вели дека Црна Гора има неверојатен природен потенцијал.
„За еден час можете да одите од Подгорица до морето и да се искачите на планина, но година по година се обидуваме да го уништиме тој потенцијал“, вели тој.
Една од најпознатите мерки за зачувување на природата, барем за туристите што доаѓаат во Црна Гора, беше данокот за животна средина, чиј приход се користеше за заштита на животната средина.
Данокот беше воведен во 2008 година за сите странски патни возила и се плаќаше до почетокот на 2011 година при влегување во Црна Гора.
Важеше една година и изнесуваше помеѓу десет и 150 евра.
Премиерот Игор Лукшиќ го укина тоа решение, а Предраг Митровиќ, претседател на Здружението на работодавачи на Црна Гора, во тоа време рече дека данокот направил повеќе штета отколку корист.
„Туристите од Србија, на пример, се однесуваа многу лошо кон еко-таксата, а неговиот придонес во буџетот не е значаен“, рече Митровиќ во 2010 година.
Иако данокот беше воведен во 2008 година, во март следната година Андрија Ломпар, министер за транспорт, го објави неговото укинување.
Премиерот Здравко Кривокапиќ на социјалните мрежи ја објави одлуката за прогласување на паркот на природата Катич за заштитено подрачје.
Островот Катич во близина на Петровац е второто заштитено морско подрачје во Црна Гора.
Во април, ‘ртот Платамуни, во општина Котор, доби статус на парк на природата. Сепак, информациите од Владата на Црна Гора по повод 30 години од создавањето на еколошка држава покажуваат дека еколошката држава е сè уште само цел, а не достигнување. „30 години, и покрај бројните напори… не сме во позиција да го процениме вистинското ниво на напредок кон реализација на идејата за еколошка држава“, се вели во оваа информација. Оживувањето на концептот што беше создаден во 1991 година мора да добие нова димензија преку суштински иницијативи што треба да се спроведат во наредниот период.
Физичарот Хајдуковиќ тврди дека „тешко е да се најде историски непријател кој предизвикал поголема штета на Црна Гора отколку ние самите. Бог великодушно ја наградил земјата со природа, а сурово ја казнил со политичарите“, додава Хајдуковиќ.
Колекторот прерасна во големо политичко и финансиско прашање
Но да се вратиме на актуелниот проблем за власта. Тврдењата дека пречистителната станица за отпадни води во Ботун е закана за јавното здравје или дека е базирана на застарена технологија се целосно неосновани, изјавија од Делегацијата на ЕУ во Црна Гора за Вијести.
Политичките актери го користат ова прашање за позиционирање во рамките на владата, но и во однос на опозицијата, оценува политикологот Николета Ѓукановиќ од Универзитетот во Доња Горица.
„Колекторот стана политичко прашање број еден поради начинот на кој се спроведуваше процесот – недостатокот на транспарентност и доверба, но и фактот дека локалните инфраструктурни проекти лесно се претвораат во пошироки политички конфликти“, изјави таа за Би-Би-Си.
Инаку редовни избори ја очекуваат Црна Гора во 2027 година, а владата формирана тогаш би можела да ја внесе земјата во ЕУ. Сепак, изградбата на пречистителната станица е „приоритет над сите приоритети“, рече Саша Мујовиќ, градоначалник на Подгорица.
„Проектот предвидува модерен и безбеден објект, целосно во согласност со европските стандарди“, изјави Делегацијата на ЕУ. „Илјадници вакви постројки успешно работат низ цела ЕУ и пошироко, подобрувајќи ја заштитата на животната средина и заштитувајќи го здравјето на заедницата“.
Даночните обврзници на ЕУ обезбедија 33 милиони евра грантови за овој проект, помагајќи ѝ на Црна Гора да ги исполни своите обврски според Поглавјето 27 од преговорите, додадоа тие.
Владата поддржана од партијата на Кнежевиќ усвои просторен план што предвидува изградба на колектори, додава тој.
„Милан е само просечен актер во претставата. Сè уште не ја напуштил владата, а не знаеме кога“, рече Милатовиќ, алудирајќи на некогаш популарната црногорска телевизиска серија „Ѓекна сè уште не умрела, а кога, не знаеме“.
Фарса и игра на политичарите
Досегашното искуство покажа дека сето ова може да биде „голема фарса и игра“ на политичарите, оценува професорот Владимир Ѓукановиќ, по потекло подгоричанин, а чест гостин во ТВ студијата во Белград. Тој вели дека пукнатините се сè повидливи во рамките на просрпскиот блок во Црна Гора, кој, заедно со Кнежевиќ, го предводи Андрија Мандиќ, претседателот на црногорското Собрание. „По прашањето на колекторите, Кнежевиќ остана во малцинство, бидејќи неговата партија беше недоследна. „На еден начин тие гласаа во локалниот парламент кога се усвојуваше просторниот план, а на друг начин влијаат врз граѓаните да не го одобрат проектот“, вели Ѓукановиќ.
Од 13-те пратеници во нивната коалиција, четворица се од партијата на Кнежевиќ, а девет од онаа на Мандиќ.
Бидејќи владата на Милојко Спајиќ е поддржана од 52 од 81 пратеник, таа би била загрозена само ако целиот просрпски блок одлучи да ја напушти власта.
Ова е малку веројатно со оглед на бројот на министерски позиции и бројот на позиции во државната управа „во длабочина“.
Црна Гора е единствена европска земја каде што се протестира против здрава и чиста средина
Доколку локацијата се промени, Црна Гора би ризикувала да изгуби повеќе од веќе одобрените сто милиони евра. „Покрај тоа, ќе мора повторно да поминеме низ целата постапка: нови плански документи, концептуални решенија, проекти, елаборати, јавни расправи.“
„Тоа би нè вратило најмалку седум до осум години назад, во текот на кои сите отпадни води сè уште би завршувале во Морача и Скадарското Езеро, што е неприфатливо и претставува еколошка катастрофа“, изјави екологот Александар Драгиќевиќ. Тој вели дека Црна Гора е единствена европска земја каде што се протестира против здрава и чиста средина.
Ете до каде стигнува проектот „Црна Гора – еколошка држава, кој секако помогна во европеизација на оваа земја во очите на политичарите во Брисел. И се случува кога Црна гора е прогласена за сигурен фаворит во трката на балканските држави за Влез во Унијата!
Специјално за ЦИВИЛ Медиа | Сите права се задржани













































