ЏАБИР ДЕРАЛА
Ја разбирам, до некаде, огорченоста од политичарите и нивната доминација во медиумите и јавната сфера. Имам разбирање, не целосно, и за повиците за тотално игнорирање на политичарите и политиката. Не е чудна таа заситеност и потреба да се игнорираат, особено затоа што некои од нив станаа протагонисти и во меѓународни извештаи, како креатори на дезинформации.
Освен што тоа е невозможно и нереално. Според мене, повикот за игнорирање на политичарите е спротивен на улогата на медиумите и јавноста.
Молкот и медиумите/јавноста се две различни, поточно, спротивставени категории. Се исклучуваат едно со друго. Исто како активистите и молкот – тие не се трпат меѓусебно. Впрочем, добро е да ги гледаме политичарите и тогаш кога лажат, отколку да не знаеме што прават. Под претпоставка (фантастична) да исчезнат политичарите од медиумите, тие многу лесно ќе најдат друг начин да ја пренесат својата порака. Што повторно значи медиумска активност.
Доволно е медиумите да престанат со лажниот баланс. И да овозможат што е можно повеќе простор за анализи и критики од различни страни, особено од младите.