ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска ги додели наградите за најуспешните стории на граѓански новинарки и новинари за изминатите два месеци.
На почетокот на церемонијата на доделувањето на наградите, Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ ги запозна присутните со проектот Граѓански објектив и можноста за нивен придонес во креирање на општествени промени.
Една од четвртите награди ја доби граѓанската новинарка Софија Илиевска, за прашањето упатено до Министерството за образование во врска со се почестите тепачки меѓу учениците во основните училишта.
Втората четврта награда отиде во рацете Суада Муратова за фото сторијата „Отпадно железо го загуши Скопје“.
Хазизе Јонузи е добитничката на третата награда за известувањето од протестите во Мала Речица против изградба и отворање на казино.
Втората награда, овој пат ја доби Мери Николова, за потресната фотографија од затворот во Штип, каде семејството и пријателите го изнесуваат телото на починатиот затвореник Ердал Јусинов.
Првата награда, заслужено, отиде во рацете на активистот Акиф Кариман, за известувањето од терен во моментот кога се рушеше дивата населба во Урбан Паркот во Скопје. Оваа сторија предизвика најмногу реакции во јавноста. Дел од нив дури и полни со говор на омраза и предрасуди кон Ромите, што беше поттик и за денешната дебата на ЦИВИЛ – „Кој ги тркала Ромите?“, посветена на ромската заедница и основните човекови права.
Граѓански објектив е проект на ЦИВИЛ кој веќе трета година им отвора можност на граѓанките и граѓаните да ги објавуваат своите стории слободно и без цензура. Проектот е финансиран од National Endowment for Democracy.