ЦИВИЛ – Центар за слобода ги оцени изборите како слободни, но укажа на фактот дека постоеја голем број нерегуларности. Како што најавуваат во организацијата која ужива исклучително висока доверба на национално и меѓународно ниво, идната недела ќе презентираат низа нови аспекти и случаи кои се однесуваат на спроведувањето на изборниот процес.
Според извештаите од теренот, кои ЦИВИЛ ги сподели со јавноста, изборната администрација учествува со дури 60,80% како причинител на изборни нерегуларности. Во нив спаѓаат и Избирачките одбори во чиј состав, одделни членови се однесувале исклучиво партиски. Во два од досега обработените 199 извештаи, членови на ИО извршиле опструкција врз работата на набљудувачите на ЦИВИЛ. ДИК ги доби сите 199 извештаи на 17 октомври, во 17.10 часот. До сега нема никаква реакција на материјалот доставен до оваа институција.
„Нашите извештаи за никого не се пријатно четиво. Оваа година имаме многу согледувања, наоди и анализи за изборниот процес кој, генерално, беше слободен, но исполнет со неприфатливи грешки и незаконско дејствување. Едноставно, некои навики тешко умираат.“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ.
Б.Ј.