Втор пост-изборен извештај на ЦИВИЛ
ЦИВИЛ – Центар за слобода состави извештај за нерегуларностите од изборниот мониторинг и го достави до Државната изборна комисија на 17 октомври, во 17:10 часот. Тоа е само извештај, а не е приговор, бидејќи организациите на граѓанското општество не се овластени за поднесување приговори, туку тоа можат да го сторат само подносителите на кандидатските листи и граѓанките и граѓаните. Сепак, ЦИВИЛ поднесува извештај до ДИК во законскиот рок за приговори, во надеж дека оваа институција ќе постапи соодветно на своите ингеренции и врз основа на нашите информации, ќе преземе соодветни чекори во рамките на законот. Такво нешто не се случи на изборите минатата година.
ЦИВИЛ спроведе строга селекција и верификација на обработени над 240 извештаи за изборни нерегуларности доставени до Координативното тело за избори на организацијата на денот на изборниот молк и на денот на гласање. Аналитичкиот тим издвои вкупно 199 извештаи во кои се сведочи за кршење на изборниот молк, закани и притисоци, незаконито однесување на избирачкиот одбор, проблеми со Избирачкиот список, семејно и групно гласање, нарушување на тајноста на гласање, пречекорување на овластувањата и за поткуп на гласачи и насилство.
Табела 1
Класификација на настанот | n | % | |
1 | Незаконито постапување на ИО | 56 | 28,14 |
2 | Друго | 44 | 22,11 |
3 | Проблеми со Избирачкиот список | 21 | 10,55 |
4 | Семејно и групно гласање | 19 | 9,55 |
5 | Нарушување на тајноста на гласање | 18 | 9,05 |
6 | Кршење на изборниот молк | 17 | 8,53 |
7 | Закани и притисоци | 7 | 3,52 |
8 | Опструкции на работата на набљудувачите | 4 | 2,01 |
9 | Попречување на гласањето | 4 | 2,01 |
10 | Поткуп на гласачи | 4 | 2,01 |
11 | Пречекорување на овластувањата | 3 | 1,51 |
12 | Насилство | 2 | 1,01 |
Вкупно | 199 | 100 |
n-број на извештаи од теренот
Според статистиката на ЦИВИЛ, најмногу нерегуларности се бележат во категоријата „Незаконито постапување Избирачкиот одбор (ИО)“, односно 28,14%. Во шест случаи, акредитирани набљудувачи на изборниот ден биле инволвирани во некоја изборна нерегуларност, гласачите биле инволвирани во 14,54% од доставените извештаи за изборни нерегуларности, а евидентирани се и 2 случаја на насилство.
Категоријата „Друго“ во Табела 1. опфаќа 44 случаи на проблеми со изборниот материјал, како што се бројот и квалитетот на гласачките ливчиња, нефункционирање на УВ ламбите, непристапноста до избирачките места, лошата поставеност на параваните за лица со специјални способности, и низа други проблеми кои се индиректно поврзани со лошите перформанси на изборната администрација, вклучително и на ДИК и општинските изборни комисии.
Од друга страна, како што беше нагласено и на прес конференциите на ЦИВИЛ во текот на изборниот ден, како и на прес конференцијата веднаш по денот по изборите, голем дел од избирачките одбори беа принудени да покажат многу креативност и многу трпение, за да се спроведат изборите. Ги сечеа гласачките ливчиња со ножици, стоеја пред гласачките кутии за да им објаснат на гласачите каде да ги стават ливчињата, бидејќи беа нејасни и со слични бои, некои пенкала не работеа, не им работеа УВ ламбите, мораа да ги пребројуваат сите гласачки ливчиња и многу други постапки.
Иако би требало да е дел рутинска подготовка, по толку спроведени изборни процеси, ДИК овојпат подготви изборен материјал кој беше сериозен предизвик за сите, а најмногу за гласачите и избирачките одбори.
Сепак, голем број избирачки одбори не си ја вршеа својата задача според процедурите и законот. Поточно, во системот на ЦИВИЛ за внесување на извештаите од теренот, на прашањето „Кој ја предизвикал нерегуларноста?“, изборната администрација е најчестиот причинител. Дури 121 извештај говори за изборната администрација (од ДИК до избирачките одбори) како одговорна за нерегуларностите, односно 60,80% од извештаите доставени до ДИК.
Повторно, како и во претходните изборни процеси, нашите набљудувачи нотираат дека одделни членови или раководители на избирачките одбори грубо ги кршат процедурите и Изборниот законик. Дел од нив се забележани како агитираат или соработуваат со партиските штабови во мобилизацијата на гласачи. Исто така, тие во неколку случаи, нотирани од набљудувачите на ЦИВИЛ, го повредуваат правото на глас со несоодветно обележување на спреј на гласачи за кои дури подоцна, откриваат дека не се во Избирачкиот список на тоа избирачко место, за потоа, тие да не можат да гласаат на соодветното место.
Дел од членовите на избирачките одбори прават груби грешки и поради непознавање на процедурите. ЦИВИЛ и пред изборите алармираше дека ДИК и општинските изборни комисии овозможуваат недоволно квалитетна обука за членовите на избирачките одбори, наспроти долгите и скапи подготовки на едукативниот материјал (видео, прирачници…).
Во предизборниот извештај на ЦИВИЛ, меѓу другото, стоеше и дека: „Општинските изборни комисии кои требаа да ги обучат членовите на Избирачките одбори, не посветија доволно внимание на тренингот. Сметаме дека не се доволни триесеттина минути, од кои првите 10 се кратка презентација, а потоа видео проекција од која членовите на ИО доаѓаат до сознанија, односно инструкции за тоа што треба да прават на денот на гласање. Ова не е доволно и повторно ќе се најдеме во ситуација во која членовите на ИО дури и ненамерно ќе мораат да ги кршат процедурите и законот, затоа што немаат доволно информации.“
Што се однесува до правото на глас, тоа и на овие избори беше повредено во неколку стотици случаи, кога дел од граѓанките и граѓаните не беа во можност да го искористат своето фундаментално човеково право – правото на глас.
Во предизборниот извештај на ЦИВИЛ, се алармираше дека: „Имаме над 120 случаи на ‘исчезнати’ гласачи од Избирачкиот список. Гледаме многу индикативни и симптоматични примери за тоа дека Државната изборна комисија, односно, администрацијата не успева да излезе во пресрет на барањата на граѓанките и граѓаните.“
Понатаму, ЦИВИЛ ја критикуваше ароганцијата на институциите со констатацијата:
„Кога веќе видовме пример, односно, правен преседан, кога во време на изборен процес, спротивно на принципите на стандардите, се менува законот, се менува дури и самата структура на Државната изборна комисија, тогаш можеше да се изнајдат ресурси и време да се реши проблемот на граѓанките и граѓаните кои евентуално на денот на гласање не ќе можат да се најдат во Избирачкиот список. Не мора да се оди премногу далеку, доволно е да се погледнат хрватските искуства и да се види дека може едноставно да им се овозможи правото на глас граѓанките и граѓаните. Предвидуваме дека на денот на гласањето ќе имаме многу вакви поплаки кога луѓето едноставно ќе бидат немоќни. Тоа е кршење на човековите права и кршење на законот. Дури и еден таков случај ќе биде сериозна повреда на фундаменталните човекови права.“
Тие предвидувања се остварија.
Активистите на политичките партии се однесуваа како да не постои забрана за партиско дејствување во време на изборниот молк. Тие, едноставно, не престанаа со кампањата, а нотирани се и случаи на партиски притисоци и закани, агитација, мобилизација и превоз на гласачи, како и поткуп. Се издвојува случајот кога се забележани партиски активисти кои среде бел ден лепеле плакати на една од главните сообраќајници во општина Бутел.
Табела 2
Кој ја предизвикал нерегуларноста | n | % | |
1 | Изборна администрација | 121 | 60,80 |
2 | Партии | 32 | 16,08 |
3 | Гласачи | 29 | 14,57 |
4 | Друго | 9 | 4,52 |
5 | Набљудувачи | 6 | 3,02 |
6 | Администрација | 2 | 1,01 |
Вкупно | 199 | 100 |
Во Аеродром беа очекувани изборни нерегуларности, според претходното искуство во изборниот мониторинг на ЦИВИЛ, што и се оствари. Во првиот извештај, ЦИВИЛ наведува 22 случаи на изборни нерегуларности токму во оваа општина. Тие случаи подразбираат незаконито постапување на изборната администрација, партиите и партиските активисти, семејно и групно гласање… Во Куманово се регистирани 14 случаи на изборни нерегуларности и тоа најмногу за незаконито однесување на избирачките одбори, семејно и групно гласање и проблеми со Избирачкиот список.
Табела 3 го прикажува бројот на извештаи за изборни нерегуларности според општините. ЦИВИЛ напоменува дека ова се податоци од конечно усвоени 199 извештаи од теренот. Останатите извештаи се обработуваат, но не се очекува сериозна промена во финалната статистика. Во меѓувреме, ЦИВИЛ објавува поединечни извештаи од теренот кои говорат за изборните нерегуларности во детали.
Табела 3
Општини | n | |
1 | Аеродром | 22 |
2 | Берово | 2 |
3 | Битола | 4 |
4 | Бутел | 4 |
5 | Валандово | 1 |
6 | Велес | 4 |
7 | Врапчиште | 2 |
8 | Гази Баба | 13 |
9 | Ѓорче Петров | 4 |
10 | Гостивар | 5 |
11 | Демир Хисар | 3 |
12 | Делчево | 1 |
13 | Капиштец | 1 |
14 | Карпош | 11 |
15 | Кисела Вода | 8 |
16 | Кисела Вода (Драчево) | 1 |
17 | Кичево | 10 |
18 | Крива Паланка | 3 |
19 | Куманово | 14 |
20 | Липково | 4 |
21 | Лозово | 2 |
22 | Неготино | 3 |
23 | Ново Село | 1 |
24 | Охрид | 1 |
25 | Петровец | 2 |
26 | Прилеп | 7 |
27 | Пробиштип | 1 |
28 | Ресен | 7 |
29 | Ростуше | 2 |
30 | Сарај | 12 |
31 | Свети Николе | 2 |
32 | Скопје | 1 |
33 | Струга | 1 |
34 | Тетово | 5 |
35 | Центар | 12 |
36 | Чаир | 6 |
37 | Чашка | 3 |
38 | Штип | 5 |
39 | Шуто Оризари | 3 |
40 | / | 6 |
Вкупно | 199 |