Околу пладне започна десеттото продолжение на собраниската седница за разрешување на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски. Откако Советот на јавни обвинители го разреши Зврлевски пред два месеца, трае битката за негов опстанок. Главен мотив за поделбата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од 51 пратеник – на десет пратенички групи во Собранието е токму одбраната на оваа стратешка позиција.
„Лов на вештерки“ е лајтмотивот на излагањата на претениците на ВМРО-ДПМНЕ. Тие го обвинуваат СДСМ дека сакаат да го сменат Зврлевски, за да си обезбедат простор за контрола врз судскиот систем.
Зврлевски стана симбол за контролираното судство. Ги штитеше имплицираните високи функционери во прислушуваните разговори, а потоа, продолжи со игнорирање на законите и кога Специјалното јавно обвинителство покрена обвиненија против нив. Тој ќе остане запаметен и како Јавен обвинител кој буквално ништо не направи да го спроведе законот и да ги заштити бројните активисти, новинари и интелектуалци кои беа мета на говор на омраза и насилство во изминатите години.