Во својата колумна „Ука‑бука“ објавена на ЦИВИЛ Медиа на 8 февруари, Оливер Андонов, професор на Воената академија, предложи идеја за директно гласање на граѓаните преку референдум, со едноставно прашање:
„Дали сте за промена на Уставот со цел внесување во него пет етнички малцинства, вклучително и бугарското?
Целта на Андонов, како што наведува во колумната, е да се овозможи граѓаните директно да одлучуваат за прашања со големо национално и политичко значење, наместо тие одлуки да се носат само во парламентот или меѓупартиски преговори. Во конкретниот случај, авторот го побара одговорот од премиерот Христијан Мицкоски.
ЦИВИЛ го контактираше кабинетот на премиерот Мицкоски на 17 февруари, преку емаил, со прашање за неговиот став кон овој предлог за референдум.
Ни по две недели, одговор од премиерот нема. Освен тоа што ова е само уште едно во долгата низа неодговорени прашања од власта и сведочи за отсуство на транспарентност, овој молк може да се протолкува и како отсуство на капацитет за политики кај институциите и целосна зависност од личните ставови на премиерот.
Б. Ј.













































