УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Погледајте го овој ироничен сплет на околности: така се погоди што идниот викенд, на 12 декември, владејачката СДСМ на општи партиски избори ќе го бира својот нов претседател меѓу три потентни кандидати; додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ на конгрес како оние од најубавите времиња на „демократскиот централизам“, едногласно ќе го назначи Христијан Мицкоски повторно за свој партиски претседател. Што ти е демократија…А, не толку одамна, политичката судбина на Мицкоски висеше „на конец“, предизвикана од незадоволството на неколку заговорнички фракции во неговата партија, од истите оние кои сега масовно се туркаат околу неговото лидерско здолниште да бидат примени назад во партиската номенклатура. На Заев, пак, пред неполна година кариерата му изгледаше издлабена во „каменот на вечноста“, а денеска тој е на сигурен пат – што повеќе личи на лизгава и тесна планинска врвица – засекогаш, по сопствен избор, да замине во македонската политичка историја, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „ Политичкото клатно почнува да го менува правецот“
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
НАСТАНИ
ПОСЕТА: Заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. Ескобар во Скопје ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев и со шефот на дипломатијата Бујар Османи. Предвидено е Ескобар и Османи, по средбата во МНР, да имаат и заедничка прес-конференција.
Посетата вчера ја најави и Амбасадата на САД во Скопје, која на својата фејсбук-страница објави дека „Ескобар ќе се сретне со претседателот Пендаровски и со други клучни функционери да разговараат за повеќе теми и заеднички приоритети за регионот“.
Се очекува на средбите во Скопје да стане збор за актуелните политички случувања во земјава и во регионот, како и за евроинтеграцијата и бугарската блокада на Северна Македонија.
БРИФИНГ: Во Клубот на пратеници, во сала број 1, со пошеток во 10.00 часот, заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, ќе одржи брифинг за новинари. Темата на брифингот е реализација на мерките од Планот за борба против корупција.
СОСТАНОК: Во организација на Секретаријатот на Транспортната заедница, денеска во Скопје ќе биде одржан вториот состанок на Опсерваторијата за безбедност на патиштата на Западен Балкан.
На состанокот, покрај министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, предвидено е да се обратат и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на Секретеријатот на Транспортната заедница, Матеј Законшјек, како и други претставници на домашни и меѓународни организации
ДИСКУСИЈА: Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје денеска организира дискусија на тема „Превенција или реакција: улогата на општините при намалување на ризици од несреќи и катастрофи“ посветена на локалните капацитети за управување со кризи во Република Северна Македонија. Конференцијата ќе се одржи онлајн на платформата ЗУМ.
-Целта на овој настан е да се отвори дискусија за идните планови, активности и потребните инвестиции за зајакнување на отпорноста и управувањето со кризи на општините по одржувањето на локалните избори во октомври; локалните системи за управување со кризи; можностите за соработка и меѓусебна поддршка на различните актери во овој домен, како и да се претстави процесот на изработка на локални стратешки планови за намалување на ризици од несреќи и катастрофи на осум избрани единици на локалната самоуправа, велат од Институтот за демократија.
ИСТРАЖУВАЊЕ: Во рамките на проектот „Дијалог со граѓанските организации – Платформа за структурно учество во ЕУ-интеграциите“, денеска ќе бидат промовирани наодите од националното истражување „Граѓанското учество и ЕУ-перспективи: Анализа на јавното мислење со граѓани и граѓански организации“.
На настанот ќе бидат промовирани податоци од два циклуса на анкетни истражувања, кои беа спроведени во 2020 и 2021 година. Ќе се направи анализа и ќе се утврдат одредени трендови на клучните наоди oд националното истражување со граѓани и од истражувањето со граѓанските организации.
ПРЕЗЕНТАЦИЈА: Кризен центар „Надеж“ во партнерство со граѓанската организација „Плиадис“ денеска ќе ги презентираат резултатите од истражувањето спроведено во рамки на проектот „Поддршка за иновативни практики при грижата за себеси, благосостојбата и издржливоста кај професионалците кои работат со жртви на родово базирано насилство“, поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој-УСАИД.
Целта на истражувањето беше да ги мапира и истражи постоечките практики и програми за поддршка на физичката и психолошката благосостојба на професионалците кои работат со жртви на родово базирано насилство во Република Северна Македонија.
ПРОЕКТ: Фондацијата Отворено општество – Македонија и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ денеска ќе го организираат седмото издание на настанот Speech4Teach, како дел од активностите на проектот „Образование на помалкубројните етнички заедници“. Оваа година Speech4Teach ќе се одржи онлајн и е на тема за менталното здравје.
Како што соопштија организаторите, целта е да се акцентира потребата од превенцијата уште од најмала возраст и важноста на вклучување на сите чинители – државни институции, училишна управа, наставниците, стручната служба и родителите, за да се овозможи создавање безбедни средини за учениците и достапни програми за развивање на социоемоционалните вештини, но и навремена и
достапна поддршка за сите на коишто им е потребна.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев