Повеќе од 63 проценти од гласачките места во североисточниот регион на Македонија се непристапни за лицата со попреченост, особено за оние што се во инвалидска количка, a гласачката кутија не е на соодветна височина за да може лицето само да го остави своето ливче! Ова го покажуваат резултатите од анализата за учество на лицата со попреченост на парламентарните избори 2016, која ја спроведе Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“.
На првата тркалезна маса во организацијана „Инклузива“ – „Еднакво учество на лицата со попреченост во изборниот и политичкиот процес во Македонија“ беа претставени проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост на денот на изборите, но и во целиот предизборен период, кога немаат можност да ги добијат потребните информации за донесување одлука за кого ќе гласаат.
„Кабината е непристапна, односно е со мала заштита на тајната на гласање и многу лица со попреченост одлучиле да не гласаат, за да не се наруши нивната тајност. Имаше реакции и од лицата со попреченост дека програмите на партиите воопшто не се достапни за лицата со оштетен вид, и за лица со интелектуална попреченост. Наша препорака ќе биде да бидат достапни во аудио-верзија и на лесно разбирлив начин“, вели Благица Димитровска од невладината организација „Инклузива“.
Учесниците отворија дискусија за утврдените недостатоци и тешкотии со кои се соочија лицата со попреченост за време на изборниот процес, а беа предложени решенија и можни подобрувања на инклузивноста на изборниот процес и на самото гласање.
Денеска, активистите на „Инклузива“ се во Кратово, каде што ги претставуваат податоците од истражувањето, а до крајот на неделава ќе се одржи и трета тркалезна маса во Крива Паланка.
Во рамките на проектот е предвидено да се подготват и препораки и извештај што ќе биде доставен до релевантните институции, до општините што се задолжени за обезбедување на пристапот, до невладини организации, но и до Државната изборна комисија.
Марија Теговска