УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Вака како што се одвиваат кавгите во јавниот простор, не може далеку да се стигне речиси на ниту една важна тема за македонското општество. На пример, саботното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ дека „власта краде струја за копање крипто-валути“ е исто толку бесмислено и простачки навредливо како и карактеризирањата дека слушнатите налудничави теории на заговор од саботните антиваксерски протести во центарот на Скопје се од луѓе блиски (или членови) на македонската партиска конзервативна десница. А и едната и другата тема се важни за времето во коешто живее целата заедница., читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Ало, Собрание, дали се слушаме?“
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
ВАЖНИ НАЈАВИ И АКТИВНОСТИ НА ЦИВИЛ
МОНИТОРИНГ на www.civilmedia.mk за да се информираат навремено за сите активности во кои има простор за нивно учество.
ПРОДУКЦИЈА Тимот на ЦИВИЛ и Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА ќе имаат голем број средби и интервјуа со кандидатките и кандидатите на локалните избори.
АНГАЖМАН ЦИВИЛ е отворен за соработка и за ангажирање на новинар(к)и и асистент(к)и на проекти – до крајот на декември. Потребно е да се испрати биографија и мотивациско писмо на [email protected].
НАСТАНИ
ПРЕДЛОГ МЕРКИ: За новите предлог-мерки на Комисијата за заразни болести за невакцинираните вработени во јавниот сектор и здравствените работници, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, денеска ќе се разговара на Главниот кризен штаб, а потоа и на седница на Владата.
Согласно предлог-мерките, сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции за одење на работно место треба да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Оние кои го прележале вирусот ќе приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист.
Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките треба да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за граѓаните да имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници кои се уште не се вакцинирале.
Препораките се кон овие мерки да се приклучат и приватните компании, со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата.
ПОСЕТА : Министерот за правда Бојан Маричиќ од денеска ќе престојува во неколкудневна работна посета на Брисел. Предвидено е да се сретне со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј и еврокомесарот за правда Дидиер Рејндерс.
Тема на разговорите, како што соопшти Министерството за правда, ќе бидат евроинтеграциите на земјата, реформите во судството и владеењето на правото.
Во Брисел, министерот за правда ќе има средби и со вршителот на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата Михаела Матуела, како и со европратениците Тања Фајон и Ирена Јовева од Словенија, Тонино Пицула од Хрватска и Андреас Шудер од Австрија.
ПРОМОЦИЈА: УСАИД во партнерство со IREX и Македонскиот институт за медиуми, денеска во Скопје ќе го претстават новиот петгодишен проект за медиумска писменост „Младите размислуваат” со што ќе биде означен и почетокот на „Деновите на медиумската писменост“.
Како што информираат ид УСАИД, во фокусот на овој проект е работата со младите со цел да се поттикнат да развијат вештини за критичко размислување и да научат како да ги препознаат проверените информации со што ќе изградат отпорност на дезинформации и ќе придонесат за градење активно и одговорно граѓанство водено од емпатија.
На настанот ќе се обратат амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, директорот на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, Михајло Лахтов, министерката за образование и наука, Мила Царовска, директорот на Бирото за развој на образованието, Зеќирија Хасипи и директорката на МИМ, Билјана Петковска.
ПРЕС: Заедничка прес-конференција ќе одржат заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и претседателката на Инспекциски совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
ПАНЕЛ: Панел дискусија на која ќе бидат објавени добитниците на финансиска поддршка на предизвикот за воспоставување лаборатории за производство FAB LABS „Младите создаваат“ организира денеска Фондот за иновации и технолошки развој.
ОНЛАЈН СРЕДБА: Невладината организација Инфоцентар-Скопје денеска организира онлајн средба на која ќе се говори за процесот на имунизација против Ковид-19.
Најавено е обраќање на националната координаторка за имунизација проф.д-р Александра Гроздановска од Фармацевскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ).
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев