УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Особено не може да се разбере онаа пропагандистичка глупост дека е тоа замисла што ја загрозува, па дури и ја доведува во прашање интегративната перспектива на Македонија, Албанија и Србија во Европската Унија… Нема рационална анализа што би покажала дека таа перспектива е закочена или загрозена од овој проект, а би можело на долго да се образлага дека „Отворен Балкан“ е, всушност, комплементарен со суштинските евро-интегративни напори. Дури и НИШТО да не произлезе, фактички, од конкретните договори за соработка и за олеснување на таа соработка меѓу балканскиве земји кои се дел од проектот, тоа не го доведува во прашање, ниту го девалвира балканскиот сон за европеизација на регионот. Напротив, читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Е, па, ајде, ако не чини Отворен, да продолжиме со Затворен Балкан?“
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
НАСТАНИ
ОБРАЌАЊЕ: Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе се обрати пред пратениците во Собранието. Како што е најавено на веб-страницата на законодавниот дом, Пендаровски ќе го одржи своето обраќање пред пратениците во рамки на 56. собраниска седница. Обраќањето на шефот на државата, според агендата, објавена на собранискиот-сајт е најавено за 12 часот.Шефот на државата, како што е вообичаено, ќе говори за актуелните случувања изминатиот период и за очекувањата во следната година. А оваа година тој на пратениците ќе им се обрати во момент кога е во тек формирање нова влада, додека опозицијата бара предвремени избори, а земјава повторно не доби зелено светло за почеток на преговори со ЕУ поради бугарското вето, со ветување на новата Влада во Софија на Кирил Петков дека процесот ќе стане попрагматичен, но и споменување на рок од шест месеци за да се се реши.
ПРЕЗЕНТАЦИЈА: Министерството за економија организира „Отворен ден “ на кој јавно ќе бидат презентирани Предлог-годишните планови и програми за работа за 2022 година. На настанот може да учествуваат граѓани, комори, бизнис здруженија, како и претставници на компании кои имаат предлози, сугестии и идеи за активностите и мерките кои ги спроведува Министерството за економија преку годишните програми.
СЕДНИЦА: Владата на Република Северна Македонија денеска, 21.12.2021 година (вторник) ќе ја одржи редовната 129-та седница, на која согласно своите надлежности ќе разгледува повеќе точки од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
Согласно предложениот дневен ред, на денешната седница ќе се најде Информацијата за учеството на Република Северна Македонија во Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, во периодот 1 јануари – 30 јуни 2021 година, како и Предлог-годишниот извештај за учеството на припадници на Армијата и вработените во Министерството за одбрана во хуманитарни операции, меѓународни операции и во НАТО-мисии.
СЕСИЈА: Трудот „Кластерска анализа на посебни индикатори на банкарските системи на Северна Македонија, земјите членки на ЕУ и балканските земји“ од Емилија Стојанова Ивановска ќе биде презентиран на денешната 41-та сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка. Сесијата која ќе се одржи преку видеоконференциска врска ќе започне од 14 часот. По презентирањето на трудовите e предвидена дискусија.
КУЛТУРА: Националната галерија на Република Северна Македонија традиционално го одбележува Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби преку проектот социјална инклузија „Сајберкултура“. Осум скопски гимназии ќе учествуваат со уметнички мозаик, а за учество во овој проект на сите учесници ќе им бидат доделени благодарници и пригодни подароци.
Појавата на Интернет и дигитализацијата во секојдневниот живот доведе до нови форми на општествени активности кои ја вклучуваат и областа на сајберкултурата. Сајберкултурата често се поистоветува со дигитална култура, интернет-култура, виртуелна култура итн. Сето ова укажува на еден тренд во современото живеење, на начинот на кој се одвиваат комуникациите и размената на информации. Улогата на Интернет, кој е еден вид есперанто јазик, создава виртуелни и онлајн комуникации кои се општоприфатени од сите возрасти, наведуваат органзиатрите на „Сајберкултура“.
КОМИСИИ: Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за oдликувања и признанија на Република Македонија, во прво читање е на дневниот ред на денешните седници на собраниските Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно – правната комисија.
На 24-тата седница денеска членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, како што е најавено, ќе расправаат и по Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2020 година.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев