Граѓаните на Бугарија денеска избираат 240 пратеници во 51. Народно собрание. Ова се шести предвремени парламентарни избори по редовните на 4 април 2021 година. Последните предвремени избори се одржаа на 9 јуни годинава.
Изборниот ден почна во 7 часот, а завршува во 20 часот, и може да се продолжи до 21 часот ако пред избирачкото место има гласачи кои не гласале. Гласањето во странство започнува во 7 часот и завршува во 20 часот, односно 21 часот по локално време, пренесува МИА.
На изборите за Национално собрание учествуваат 19 партии, девет коалиции и еден независен кандидат.
Бугарскиот претседател Румен Радев и даде мандат на Бугарската централнодесничарска партија ГЕРБ да формира влада по последните избори во јуни, на кои партијата освои најмногу гласови и обезбеди 68 места во 240-члениот парламент.
ГЕРБ, сепак, не успеа да формира мнозинска коалиција.
Мандатот потоа им беше понуден на другите партии, но и тие не успеаја да направат мнозинска коалиција, поради што беа организирани нови избори.
Според податоците на „Алфа Рисрч“, се очекува излезноста да биде меѓу 30 и 32 отсто.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања во врска со предвремените избори во Бугарија истакна дека посакува победа на ГЕРБ на Бојко Борисов, што според него е логично бидејќи двете партии се дел од Европската наодна партија.
„Со партијата ГЕРБ што ја води Бојко Борисов сме во исто политичко семејство, во Европската народна партија. Изборот е логичен“, рече Мицкоски, прашан кого би издвоил како подобар соговорник, дали Бојко Борисов од ГЕРБ или Кирил Петков од Продолжуваме со промената (ПП).
Да потсетиме, предходно Мицковски, додека беше во опозиција, на прашањето на Борисов „Дали вие ќе го подкрепите договорот…“, одговори потврдно на бугарски јазик .
„Сѐ што може да биде позитивно и за двете страни, и за Македонија и за Бугарија ние ќе подкрепиме“ – одговори тогаш Мицкоски со сведната глава.
М. Д.