Поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски и вработениот во УБК, Никола Бошкоски, за кои македонските власти распишаа меѓународни потерници, како што јавија грчки медиуми, денеска ќе бидат изведени повторно пред Судот во Солун. Ним ќе им се суди за поседување лажни патни исправи. Судењето беше одложено во петокот за денеска, поради немање преведувач од грчки на македонски јазик.
Специјалното јавно обвинителство ги обвини Грујевски и Бошкоски за нелегално прислушување и уништување на системите за прислушување, односно, за кривични дела што се дел од предметите: „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.
Грчката полиција ги уапси двајцата обвинети на аеродромот во Солун на 18 октомври, кога со лажни бугарски пасоши се обидувале да заминат со авион за Будимпешта. Според грчките медиуми, до крајот на ноември или почетокот на декември, Грујевски и Бошкоски ќе бидат во притвор во грчки затвор, а потоа може да бидат екстрадирани.
Од македонска страна, постапката ќе ја води Министерството за правда, кое што веќе доставило барање до надлежен суд во Скопје за подготовка на документацијата за екстрадиција, по официјалното писмо од централните полициски служби во МВР.
По распишаната меѓународна потерница од МВР, Интерпол од Атина ги извести македонските власти за апсењето на Бошкоски и Грујевски.
Премиерот Зоран Заев, СЈО и МВР не очекуваат да биде попречена екстрадиција на двајцата бегалци од правдата, од Грција во Македонија.
М.Т.