ЦИВИЛ Медиа разговараше со Душко Груевски, активист, за слободата на изразување, граѓанскиот активизам и предизвиците во Македонија.
Што за вас како активист претставуваат слободата на изразување, медиумските слободи, па во таа смисла и активизмот воопшто?
Груевски: Слободата на изразување од еден, ако може да се рече филозофски аспект, за мене значи да бидеш. Значи ако некој некогаш рече мислам значи постојам, во денешно време кога мислата е присутна насекаде и лесно се поттикнува, мислам дека слобода на изразување значи промена на таа фраза ‘мислам значи постојам’ во ‘слободен сум значи постојам’ или ‘слободно се изразувам значи постојам’. Сите луѓе кои од денешна перспектива зборуваат за некаков режим и за некаква репресија, некаков притисок којшто го чувствувале изминатите години, а молчеле биле мртви луѓе, мртви души. Луѓе кои вегетирале, кои не можеле ниту да делуваат на она што им се случува, ниту да кажат за она што им се случува. Од еден филозофски аспект, без слободна мисла која треба да ја изразите вие не сте жив човек, вие сте суштество кое вегетира. Затоа мислам дека слободната мисла треба да биде ‘оче наш’ за секој човек. Ако децата не ги учиме слободно да ја изразуваат, да ја кажат својата мисла, својата потреба секогаш ќе биде некаде настрана. Криво ми е што таквиот систем веројатно и сака да се ослободи од таквите луѓе кои немаат храброст да ја кажат слободната мисла и што општеството не се насочило да ги едуцира луѓето да бидат секогаш спремни да ја кажат својата мисла и својата потреба.
Слободната мисла за мене е двигател на она што треба да ни се случува, двигател на самиот човек. Двигател на општеството на крајот на краиштата. А ако таа слободна мисла не може да стигне до оние до кои треба да стигне или оние за кои е наменета, ако нема таква можност, тогаш таа ќе биде само некоја мртва мисла или некое ехо кое ќе одѕвони еднаш и ќе замине. Затоа се тука медиумите, затоа се тука оние кои ќе и дадат простор на таа слободна мисла. Некогаш ќе биде реално критичка, некогаш ќе биде чиста шпекулација, но, мислам дека без медиумите кои ќе го дадат просторот за слободна мисла ние како општество стануваме мртви. Ако еден човек без слободна мисла е мртов човек или вегетира, тогаш општеството како заедница од граѓани, доколку нема медиуми каде што ќе се изрази, за мене е општество кое вегетира.
За жал, Македонија во овие изминати години беше општество кое вегетираше на тоа поле. Луѓето своите слободни мисли ги кажуваа дома, шепотејќи со својот брачен другар или некој пријател. Затоа што фразата ‘и ѕидовите имаат уши’ остана и до ден денешен. Јас секогаш додека можам ќе бидам оној кој ќе прави се и преку својот пример. Не само да поттикнувам и да кажувам како треба, туку и ќе покажувам како треба кога имате една слободна мисла. Тоа го правам во континуитет, секојдневно, таму каде што имам простор, таму каде што некој ќе ми даде простор, за да го кажам она што го мислам, се со цел не да се направам умен за нешто, туку за мене слободната мисла и слободниот израз всушност значат повикување на некаква игра.
Како активист дали досега сте се соочиле со притисоци од политичките и бизнис центрите на моќ и како се справувате со нив?
Груевски: Сум имал многу притисоци од најразличен карактер. Да не зборувам за оние мали притисоци кои за оние кои никогаш не се соочиле со некакви притисоци се големи, од омаловажување на твојата личност, на твоето постоење, на твојата професија. Се сеќавам на Мирка Велиновска која за мене напиша ‘Дуле попот – украински револуционер’, ‘ордите на Сорос и така натаму… Тоа беа некакви притисоци кои кога ќе ги прочитаат вашите блиски а не знаат за што се работи веднаш пристапуваат кон некакви предрасуди кои, за жал, не можеш секогаш и секому да ги откинеш затоа што си немал прилика да им објасниш што тоа значи, зошто некој така ве карактеризира. Така што сум имал притисоци од сите можни страни, само не од моето семејство и не од моите најблиски соработници.
Мислам дека на крајот на краиштата тоа е многу убаво. Нема да речам дека она што не ве уништува ве прави посилен, но тоа е убаво, затоа што и тоа ве тера да размислувате и критички да се однесувате и да ја кажете својата слободна мисла, својот став за она што ви се случува. На почетокот мислев дека само нам ни се случува тоа што ни се случува, мислев дека само ние имаме некој таков притисок затоа што правиме нешто коешто сметаме дека треба да го правиме. Но кога заради мојата професија ќе дојдеа луѓе кои се исповедаат кај мене и ќе кажеа дека некој ги избркал од работа затоа што ставиле „ми се допаѓа“ на некаков мој коментар, објава или критика, може да замислите каков притисок имало околу мене и тоа ми дава за право да похрабар, и да не се замислувам дека само јас сум некој кој е изложен на притисоци, туку дека секој оној кој се обидел нешто јавно или свесно да каже, бил предмет на силен притисок. Всушност и тоа значи нели режим, затоа и се жалиме дека постоеше еден режим што не ни се допаѓа сега со новата промена на централната и локалната власт, како повторно да го чувствувам тој притисок и тој нивни став на игнорирање. Во претходниот режим сум пишувал на мојот официјален профил, и на некои портали кои ми дале простор, сум пишувал некоја критика која е оправдана со факти за поранешниот режим, сум наидувал на силни притисоци од тие кои се припадници на поранешниот систем и сега ми се случува исто.
Кога ќе напишам некаква критика или некаков поттик да се направи нешто од оние кои ветуваа, веднаш добивам некакви омаловажувања, некакви притисоци. Сметам дека ќе продолжат и понатаму тие притисоци, за жал некој ќе се труди да ја убие слободната мисла, слободните медиуми и слободниот простор, но тука сме да се спротиставуваме. Секогаш ќе бидам на страна на слободното изразување, јас како активист ќе продолжам и понатаму да бидам активист бидејќи активист не е ништо повеќе од граѓанин кој има своја слободна мисла, слобода на израз и решил и тоа да го прави понатаму.
Маја Ивановска
камера: Дехран Муратов
[divide]