Хибридните напади се закани кои имаат за цел да наштетат или да влијаат на нечија репутација и статус, без разлика дали се работи за поединец, колектив, институција или држава. Тие се комбинација на воени и невоени средства, вклучувајќи дезинформации, сајбер напади, економски притисок и низа други закани.
Професорот по безбедност Стеван Буџаковски оценува дека „поединечните политички субјекти, без разлика дали се од Македонија или од соседните земји, користат современи методи на хибридни средства за дестабилизација за постигнување политички цели“. Тој додава дека не може да се исклучи тезата дека во заднина може да има центар кој има интерес да го дестабилизира Балканот и кој има интерес да го интегрира во ЕУ.
Според Исмет Рамадани, новата безбедносна криза во Косово може да се поврзе со други обиди за дестабилизација на регионот преку различни хибридни напади. „Имаме дополнително вклучување на меѓународен фактор во тој дел и се надевам дека нема да дозволат да се отвори нова жешка точка“, вели Рамадани.
Во исто време, македонските институции и нивните системи, како и веб-страниците беа цел на кражба на податоци и хакерски напади. Последниот е од средата, 8 февруари, со хакирање на Фондот за здравство! Во Албанија, локалните власти неодамна открија дека ирански хакери стојат зад нападот на албанската кибернетска мрежа и постојаното објавување мејлови и документи на високи функционери.
Исмет Рамадани смета дека Северна Македонија и Албанија, доколку не беа членки на НАТО, ќе поминеа уште полошо. Рамадани ја гледа слабата ИТ инфраструктура на земјите од регионот како причина зошто хибридните закани траат толку долго, а сторителите не се откриваат.
„Албанија и Македонија се веќе поврзани со професионалната инфраструктура (во НАТО) која треба да биде софистицирана одбрана од овие напади, но ние како држава сè уште немаме развиена инфраструктура за спротивставување и користиме совети и знаење“, вели Рамадани.
Како членка на НАТО, Северна Македонија има обврска да подготви институции и да ја зголеми отпорноста кон хибридните закани, а за таа цел во 2021 година беше донесена Националната стратегија за градење отпор и справување со хибридни закани, пишува Љубомир Костовски во најновата колумна под наслов Лажните бомби: Стаклениот ѕвонец на „рускиот свет“.