Случајот со претепаното 10 годишно дете (Ромче) за наводна кражба од жителите на кочанската населба „Трајаново трло“, ја алармираше јавноста, но и дел од надлежните институции за решавање на случајот. Инцидентот се случува непосредно откако жителите од „Трајаново Трло“ протестираа против изградба на типски куќи на социјално загрозени семејства, со истакнат транспарент „Само преку нас мртви“, нагласувајќи дека нема да дозволат до нив да се изгради нова населба која ќе биде населена со Роми.
Иако овој случај делува изолиран, сепак, укажува дека односите меѓу македонската и ромската етничка заедница, не само во Кочани, туку насекаде во земјата се нарушени, со честии тензии и инциденти. Токму од овие причини, ЦИВИЛ постави неколку прашања до заменик директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Џелал Хоџиќ.
ЦИВИЛ: Кој е вашиот коментар во врска со нарушените односи, тензиите и инцидентите меѓу македонската и ромската заедница во Кочани?
Хоџиќ: За случајот дознавме од известувањата на медиумите. За жал нашето општество е оптеретено уште со вакви несакани случаи. Сметаме дека недоволната комуникација помеѓу заедниците, како и помеѓу институциите, неказнивоста на разни видови на дискриминација и говор на омраза ги потхрануваат ваквите негативни појави.
ЦИВИЛ: Што ќе преземете Вие и Агенцијата за да се подобри состојбата меѓу македонската и ромската заедница во Кочани?
Хоџиќ: Агенцијата за остварување на правта на заедниците (АОПЗ), покрај тоа што нема директни законски надлежности за вакви случаи, ќе ги искористиме сите наши механизми за соработка и координација со надлежните институции, со цел за надминување на постоечката состојба и подобрување на меѓуетничките односи во Кочани. Дополнително, ве информираме дека како АОПЗ активно соработуваме со критичките невладини организации на помалубројните заедници. За конкретниот случај, во текот на оваа недела, ќе имаме состанок и со дел од невладините организации кои работат на остварување, промовирање и заштита на правата на Ромите.
ЦИВИЛ: Дали имате сознанија за слични состојби во земјата? Во што се состојат проблемите и што преземате Вие во врска со тоа?
Хоџиќ: Сметаме дека во последите години меѓуетничките односи значително се подобрени, за разлика од минатото. Сепак нé загрижува тоа дека во последните вакви и слични настани се случуваат према припадници на ромската заедница, која сеуште е најдискриминирана. Неказнивоста на говорот на омраза и на делата од омраза сметаме дека се најголемиот проблем кој ги охрабрува ваквите несакани случаи. АОПЗ низ годините, заедно со невладиниот сектор, како и меѓународната заедница работи на промовирање на различностите, меѓусебна толеранција и подигнување на свеста за правата на помалкубројните заедници.
Б. Јордановска