Македонија во моментов нема претседател на Собранието и има премиер во заминување, кој иако е пратеник со верификуван мандат, се претставува и како претседател на Владата. Единствен функционер од државниот врв, кому сé уште му трае мандатот, е претседателот на Македонија Ѓорге Иванов. Но, и тој, веќе трет ден е во посета на Азербејџан. А, ако на сиот хаос во државата, се додаде од денеска и пратеникот – премиер е во посета на Босна, оправдано се поставува прашањето од насловот… Македонија обезглавена!
Премиерот во заминување Емил Димитриев, денеска е во Сараево, каде присуствува на средбата на еврокомесарот Јоханес Хан со премиерите на земјите од Западен Балкан. Со оглед на фактот дека претседател на Собранието, кој треба го „менува“ Иванов во негово отсуство, сè уште не е избран, поради одлуката на Иванов да не го додели мандатот на претставникот на партиите кои обезбедиле парламентарно мнозинство, излегува дека во државава не се знае кој пие, а кој плаќа…
И тоа, по долгогодишна политичка криза, во период на неизвесно распишување на локалните избори, на протести на улиците и постојан говор на омраза во медиумите, на секојдневни повици на поделби, насилство и заплашување со војна… Граѓан(к)ите во Македонија се оставени самите на себе.
По сите неразумни потези на политичките елити, кои избркаа 600.000 луѓе од Македонија, останува надежта дека ќе надвладее разумот на „обичните“ луѓе, на оние граѓан(к)и, кои начинот на владеење, сиромаштијата и безнадежноста, ги оневозможија да патуваат вон земјата. Со повратен или еднонасочен билет.