Ова е еден интензивен хибриден напад што ни се случува низ целата територија на земјата, при што беа зафатени околу 120 објекти, не само училиштата. Безбедносните служби активно работеа, безбедноста не беше загрозена, но мораше да се постапува според упатствата, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата Студио 10 на ТВ 24.
Спасовски рече дека интензивно се работи на откривање на сторителите, посочувајќи дека од 19 октомври па се до денеска со опфатени повеќе од 520 објекти со лажните дојави.
-Неколку случаи беа разрешени. Сега имаме една изолирана група и се работи на случајот. Не станува збор за закани кои се случуваат само во нашата земја туку со истото се соочуваат и земјите од регионот.
„Интензивно работиме на откривање на сторителите. Знаете дека во неколку случаи имавме откриени сторители, онаму каде што можеше да се дефинира кој е тој кој ги испраќа овие дојави. Сега веќе имаме изолирано поголема група со која работиме, очекувам во наредниот период да имаме конкретни ефикасни резултати во овој сегмент”, истакна Спасовски, додавајќи дека дојавите за бомби не се само на територија на Република Северна Македонија, туку и во земјите од регионот, но и пошироко.
„Тука се Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Германија, Нов Зеланд, САД, а интензитетот кој се зголемува од руската инвазија врз Украина, доволно говори дека станува збор за еден спој на структури кои не се само од внатрешноста, од државата, туку и надвор од неа”, рече министерот Спасовски.
На прашањето од каде доаѓаат дојавите за бомби, министерот Спасовски истакна:
„Генерално, за последните неколку дојави, можам да констатирам дека мејловите кои се испратени водат до IP адреси од Иран, Русија, како и VPN адреси чии провајдери се, исто така, од овие држави. Интересно е што уплатите за VPN услуги се извршени со крипто валути, што уште повеќе ја отежнува таа откривачка дејност”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека сега најважно е да се процени ризикот од дојавите за бомби.
Тој додава дека оттука и отсега па натаму ќе се преземаат мерки, но без да се нарушува образовниот процес во училиштата.
Спасовски, посочи дека е направен оперативен тим од различни институции кои учествуваат со свои експерти и бараат соодветни решенија за да се најде поинаков пристап кон електронските закани, исто така, нагласувајќи дека е донесено ново успатство за постапување и од петокот училиштата функционираат според тоа упатство.