Историја на пописите на територија на РСМ
Први пишувани документи за попис на населението и статистичка етничка припадност во Македониј датираат од 1900-1905 година од бугарскиот автор Васил Кнчев „Македонија-Етнографија-Статистика (Софија 1900) и Д.М.Бранкоф, ,,La Macedoine et sa population chretienne,, (Париз 1905). Нивните податоци ги проучувал историчар, научен советник во Институтот за национална историја Стојан Киселиновски во трудот „Национална структура на населението во Македонија (1900-1913) кој вели дека се засновани врз основа на црковната припадност и зависат од тоа дали се запишани во егзархистички, патријаршиски, муслимански или еврејски документи.
Авторот наведува дека ваквата статистика е работена во функција на посебни државни интереси на претендентите кон Македонија па според тоа е многу контрадикторна. И двајцата, во своите статистики бројчана предност му дават на македонското население нарекувајќи го Бугарско. И според едниот и другиот во Македонија тогаш живееле 1.181.336 Бугари според статистика на Кнчев, односно 1.172.136 според Бранкоф. Понатаму се набројани Турци 499.204, Грци 228.702, Албанци 128.711, Власи 80.767, Евреи 67.840, Роми 54.557, Руси 4000, Черкези 2.837, Ерменци 300, Негри 200, Грузијци 60, Разни 9010 или вкупно 2.258.224 жители.
Први организирани пописи на населението во Македонија можат да се сметат пописите од 1921 и 1931 година организирани во Кралство СХС, односно Кралство Југославија 1931 година. Чија демографска анализа ја има направено професорот Др. Борче Илиевски во трудот Турци во кралевина СХС- Кралевина Југославија. Пописот од 1921 година дава значаен пресек на населението пред прва Светска војна и последиците од војната, вклучувајќи ги и Балканските војни.
Вториот попис во Кралството Југославија е организиран од 1 до 20 април 1931 година, во кој покрај јазикот и вероисповеста, било поставено и прашање за припадност на народност, но биле евидентирани како една целина односно како една народност – југословенска. Податоците за мајчиниот јазик и народност не биле објавени се до почетокот на втората Светска војна.
По прецизна демографија на денешна Република Северна Македонија опфаќа пописи на населението кои се спроведени за време на ФНРЈ-СФРЈ и во периодот после прогласувањето на независност на Северна Македонија во годините: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994, 2002 и 2021 година.
Неуспешен обид за попис
Обидот во 2011 да се организира пописот беше неуспешен, односно започна, па беше прекинат.
Хронологија на настанати започна во ноември 2010 кога на 30 ноември Собранието на Република Македонија донесе указ број 07 4856-1 за прогласување на Закон за попис на населението и домаќинства и станови во Република Македонија во 2011 година кој го потпиша претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов.
Планот бил пописот да се спроведе во април 2011-та, но поради предвремените парламентарни избори е одложен за шест месеци – за периодот од први до 15-ти октомври. Државната пописна комисија започна со подготовките, но очигледни беа несогласувањата меѓу членовите Албанци и Македонци во ова тело. Се спореше околу тоа дали оние граѓани кои се отсутни повеќе од една година од државата, нема да се попишат. Претседателката на Државната пописна комисија – Весна Јаневска сметаше дека Законот е дециден, препораките и методологија на Еуростат се децидни и таа сметаше дека е обврзана да работи според нив, и дека не треба да се попишуваат. Но, за разлика од Јаневска, нејзиниот колега во Комисијата, Милаим Адеми ја бранеше тезата дека:
„Член 40 е јасен каде вели таксативно: тие членови на домаќинство кои не се наоѓаат во моментот на регистрација, податоците за нив ги дава еден од членови на потесното семејството.“
Но, два дена пред почетокот на пописот, потпретседателот на Државната пописна комисија, Абдулменаф Беџети, даде неотповиклива оставка. По него, од Комисијата си заминаа и четворица други членови Албанци и двајца Турци.
Претседателката Јаневска се уште беше убедена дека попис ќе има и дека подготовките се при крај. Но, само еден ден по оставката на Беџети, сосема неочекувано, и таа се повлече од функцијата – со сериозно предупредување дека во Република Македонија се спрема уште еден голем пописен фалсификат и дека колегите од Државната пописна комисија од албанската и турската националност, не оставија минимум простор за доверба дека овој процес ќе се одвива така како што треба. Со одлука на Владата, Државната пописна комисија доби пет нови членови.
Во тој период, за разлика од Груевски кого речиси и да го немаше со изјави за пописот, Ахмети се трудеше да остави впечаток дека за него тоа е важна операција што мора да се спроведе.
„Јас немам никаква дилема дека на 1 октомври ќе почне регистрацијата, зашто сите припреми се направени“ велеше лидерот на ДУИ.
Започнаа сериозни партиски препукувања, Емилијан Станковиќ од СДСМ предупреди дека е очигледно дека пазарот ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за Хашките случаи има нови продолженија, оттука сите политички злоупотреби на пописот и пописните резултати ќе бидат директна одговорност на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.“
Но, и покрај прозивките, од Груевски немаше ниту трага. Најприсутен со изјави беше потпретседателот на пописната комисија, Бујар Османи, кој од една страна убедуваше дека процесот се одвива како што треба, но, од друга страна, полека влегуваше во судир со претседателката Гошева-Гиевска.
Во новиот состав на пописната комисија, претседателското место на Јаневска го зазема Слободанка Гошева-Гиевска, а потпретседател станува Бујар Османи. И пописот започна.
Иако тврдењата беа дека се тече во најдобар ред, од опозицијата предупредуваа за пропусти и за политичка злоупотреба на пописот.
„Недозволиво е се уште да не бидат во целост формирани пописните тимови, а веќе половина од времето за изведување на пописот помина предупредуваше Драган Тевдовски од СДСМ.
По овие различни ставови на првите луѓе во пописната комисија, среде процес почнаа да пристигнуваат и индикативни вести од терен.
Телевизијата Алсат М на 08.10.2011 објави дека печалбари во Тетовско се жалат дека македонските попишувачи не ги попишуваат ако не ги видат лично. По два дена истиот медиум објави дека на половина од временскиот рок предвиден за попис на населението, во Македонија се попишани едвај 550 илјади граѓани.
Вечерта на 10-ти октомври, пописната комисија заседаваше, а утредента во јавноста излезе со соопштение дека поднесуваат колективна оставка и дека пописот е прекинат. Соопштија дека не биле исполнети основните услови за продолжување на пописот. Остана да на технички прекинатиот попис, и законски да му се стави крај. Во Собранието започна исклучително жешка дебата. За колапсот на пописот беа посочени ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и Али Ахмети.
Парламентот и формално го стопираше пописот. Специјалното јавно обвинителство отвори истрага под кодно име „Попис“, во која беа двајца осомничени – Ахмети и Груевски. Според наводите на обвинителството, со стопирањето на пописот Груевски и неговиот тогашен коалиционен партнер во владата, Али Ахмети, лидер на Демократска унија за интеграција , нанеле штета на буџетот во висина од 3 милиони евра.
На прес конференција обвинителката Фатиме Фетаи рече дека: „Постои основано сомнение“ дека со цел, како владејачка коалиција да го сокријат фактот дека немаат политички капацитет за да организираат реален попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, како и да ги сокријат неповолните факти за демографската и економската состојба на населението во државата, што резултирало со огромно иселување на работоспособното население од Република Македонија, осомничените помеѓу 10. и 11. октомври, 2011 година се договориле да го стопираат пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија.“
Целта на Ахмети и Груевски, според обвинителката Фетаи, била да пласираат информации дека причините за пропаднатиот попис се од техничка природа и од некадарност на Државната пописна комисија и на Заводот за статистика.
Но, Дијана Крстевска, вработена во Државниот завод за статистика и учесничка во пописот во 2011-та, вели дека процесот бил прекинат поради тоа што Заводот бил ставен во позиција на сервис на политичкото тело – државна пописна комисија.
„Државниот Завод за статистика се јави во улога на исполнување на мисијата на Државната пописна комисија. Вториот елемент е недоволната организациска подготвеност.
Крстевска оценила дека во некои делови од земјава, за 10 дена, колку што траеше теренската работа, пописот веќе бил завршен, но и дека наспроти препораките од Еуростат, некаде се попишувале и лица кои повеќе од една година биле во странство. Таа изјавила дека за статистичарите клучните прашања беа зошто и по донесувањето на одлуката за прекинот, целокупниот пописен материјал беше уништен. За аргументација дека нешто е успешно или неуспешно, материјалот треба да се обработи. Меѓутоа, со одлука на Собранието, целокупниот материјал од пописот 2011-та што беше донесен од терен беше уништен.
Предметот подоцна го презеде Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, но истрагата пропадна бидејќи не беа собрани доволно докази за Груевски и Ахмети да се гонат кривично.
Зошто пописот бил целосно стопиран, а не само одложен – е еден од елементите што ги истражува и СЈО. Така немало да пропаднат веќе потрошените три милиони евра за материјали и други неопходни нешта.
Поранешниот директор на Заводот за статистика на Македонија Дончо Герасимовски, кој досега учествувал во пет пописи, освен последниов, за Дојче Веле објасни дека од сето она што досега е кажано и покажано за пописот, јасно е дека тој имаше организациски пропусти, за што еднакво се виновни и ДПК и Заводот за статистика.
Balcanicacauso.org тогаш процени дека состојбата на терен се претворила во хаос бидејќи Албанците се обидуваа на секој начин да го зголемат својот број, а македонците одговорија реципрочно обидувајќи се да го зголемат својот број на населението. Така проблемите се појавија пред официјалниот почеток на оваа статистичка операција, така што многумина само на неколку часа пред почетокот на попис не знаеја дали тој навистина ќе започне. Недостаток на политичкиот консензус на крајот беше главниот фактор на неуспехот на пописот.
Александар Николиќ Писарев