Од денешните изјави издвојуваме: Груби за културното наследство на Албанците, Шеќеринска за сеопфатната ангажираност на припадниците на АРМ, Ангелов за дезинформациите околу пожарите.
„Како и по 20 години, на нашата јавност ќе ѝ го претставиме авторот на Охридскиот рамковен договор, кој е еден наш одличен пријател од САД, како и многу наши пријатели од ЕУ, САД, ОБСЕ. Дваесет години не се далеку. Застанете и само споредете, како бевте вие заедно со нас пред 20 години и како сме денеска. Во Влада, Собрание зборуваме албански. Недалеку од вчера на одбележувањето на Илинден одекна албанското оро и песна на сред Крушево и немаше двоумење од ниту еден учесник за такво достоинствено претставување на албанската култура”, изјави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, на Трибината „Скопје на новите албански адреси, одраз на духот на Охридскиот договор “, како дел од програмата за одбележување на 20-годишнината на Охридскиот рамковен договор.
“Армијата и овој пат покажа дека не си ја бира задачата, буквално е таму каде што е најтешко , таму каде што ризикот е голем се вклучува и помага”, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска при посетата припадниците на Армијата на Кокино.
„Од одредени центри вчера се појавија намерни дезинформации, дека пожарот којшто во Кочани беснееше пред пет-шест дена не бил изгаснат и повторно се разгорел. Се работи за ноторна невистина. Вчера во Кочани се појави сосема нов пожар, на сосема друга локација од претходната, од сосема друга причина“, информираше директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.