Од мноштвото изјави од политичарите денеска, ги издвојуваме Холштајн, Писонеро, Филипче, Пендаровски и Мицкоски:
Холштајн: За Германија е незамисливо за Албанија да каже да, а Северна Македонија да ја остави
– За решавачки насоки во процесот на проширување на ЕУ потребна е согласност од сите земји-членки. Исто како што преговарачката рамка може да биде само едногласно прифатена, датум за првата меѓувладина конференција ќе има само кога сите земји-членки ќе дадат согласност. За Германија не е замисливо само за Албанија да даде зелено светло, а Северна Македонија да ја остави. Северна Македонија веќе одамна ги исполни сите услови за започнување на пристапните преговори, нејзиниот почеток е заслужен и одамна задоцнет. Ова е исто така во интерес на веродостојноста на процесот на проширување и на веродостојноста на ЕУ во регионот – вели германската амбасадорка Холштајн за „Слободен печат“.
Писонеро: И Северна Македонија и Албанија се подготвени за преговори, но одлуката е на Советот
-Позицијата на Европската Комисија е многу јасна: сакаме да видиме Меѓувладини конференции со двете земји, двете ги исполнуваат условите за ова да се случи, но Советот треба да даде согласност за преговарачките рамки, таму се наоѓаме, рече Писонеро.
Во однос на изјавата на Вархеји портпаролката прецизираше дека еврокомесарот рекол дека е потребна согласност од земјите членки на ЕУ за одржување на Меѓувладината конференција, чин што го означува формалниот почеток на преговорите со ЕУ.
-Ако нема договор за Северна Македонија, тогаш оваа опција би можела да се разгледа, рече Писонеро коментирајќи го можното одвојување на Скопје и Тирана.
Доколку дојде до тоа земјите членки да одлучат дека само Албанија треба да започне преговори, Европската Комисија не би се противела на овој став, објасни Писонеро, бидејќи земјата сега ги исполнува сите преостанати услови, изјави портпаролката на Европската Комисија за проширување, Ана Писонеро.
Филипче: Нема ништо тајно и сомнително при набавката на кинеските вакцини
Ниту е нешто тајно, ниту е нешто сомнително, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче на обвинувањата на опозицијата за наводен криминал при набавката на кинеските вакцини.
Одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата, Филипче рече дека сите работи се кажани и објавени јавно. Рече дека се проверува начинот за декласификација на документите за набавка и наскоро во соодветна процедура тие ќе се декласифицираат.
„Не правам ревизија на судската пресуда, бидејќи не гледам причина за такво нешто, тоа е завршена работа, луѓето лежат во затвор, ниту велам дека пресудата е донесена без докази. Зборувам за обидите за политичко толкување на пресудите што не придонесува за воспоставување нормална политичка дебата во која нема да се гледаме како смртни непријатели. Мојот став дека ако има нови докази кои порано не биле познати, може да го преотвори процесот, не значи дека јас заговарам преотворање на процесот. Само ја цитирам одредбата од Зкаонот и законската можност според која тие луѓе преку своите адвокати во вонреден правен лек можат да побараат од Врховниот суд да ги оцени новите докази, ако такви постојат. Одлуката дали процесот ќе биде повторен, сигурно нема да ја носи некој политички фактор, туку судот“, изјави претседателот Пендаровски по денешната средба со Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски: Ги одмрзнавме односите со претседателот Пендаровски по цена да се спасат човечки животи
Разговараме за правда, ние сме политичари кои треба да се грижат за граѓаните да имаат загарантирана правда. Никогаш нема да престанам да се борам, без разлика на етничката припадност на нашите сограѓани. Ќе се борам до последна капка крв за секој граѓанин на Македонија, изјави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со претседателот Стево Пендаровски.