Ивановска: Собранието треба да ја продолжи расправата за Националната стратегија за спречување на корупцијата
„Успешната антикорупциска политика е дел и од процесот на евроинтеграции, а стратегијата е темел за унапредување на законската рамка и преземање на реформски активности. ДКСК примени широк, инклузивен и транспарентен процес во подготовката и изработката на стратегијата со учество на претставници на државни органи, институции, здруженија, фондации, приватен сектор, медиуми, но и претставници од Делегацијата на Европската Унија, ОБСЕ, РАИ и ИРИ,“рече Ивановска.
Рашковски: Се надевам лажните вести ќе престанат, зошто нивното негативно влијание не штети само лично
„Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции. За лажните вести најдобро искуство да го преточиш во научен труд е преку лично искуство. Се надевам лажните вести ќе престанат, зошто нивното негативно влијание не штети само лично. Вистинската причина за повлекувањето е наведена во самото писмо. Се поразлично од тоа е лажна вест,“ напиша Рашковски на Фејсбук.
Заев: И во услови на пандемија натфрлен приходот од царините и другите давачки за полнење на Буџетот
„Втора година по ред нашите цариници и Царинската управа го одбележуваат – Денот на царината, во посебна, вонредна состојба заради мерките за спречување на ширењето на корона вирусот. Но и во такви услови им оддаваме признание за нивната посветеност и заради исклучителните и неопходни напори што ги прават, заедно со сите органи и министерства во Владата за одржување на економската активност и поддршка на работењето на економските оператори во меѓународната трговија и во извозот и увозот,“ вели Заев во честитката по повод Денот на царината.
Филипче: Максимум 300 илјади денари за комплексно лекување од Ковид – 19 во приватните болници
„Откако ќе се изгласа Законот за здравствена заштита со измените и дополнувањата, пациентите во приватните болници кои се лекуваат од Ковид – 19, ако е комплексно лекувањето и долго трае, максималната сума што треба да ја плати е 300 илјади денари. Станува збор за сума што пацинетите ја плаќаат во приватните болници, а таму заминале на своја волја да се лекуваат, како што тоа го прават сега, а плаќаат голема сума пари. Ако треба ние да ги користиме како држава ресурсите на приватните болници, тогаш за тие ресурси не наплаќаме никаков надоместок кон приватните болници, а Фондот си ја презема услугата на плаќање. Таква ситуација засега нема,“ изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Орданоски: Шарената револуција го постигна тоа што го сакаше токму поради нејзината децентрализираност
„Кога се случи Шарената револуција, важно е да се каже дека тоа е навистина еден од ретките на Балканот во последните неколку децении со една оргинална невладина организација во целите тие настани, нормално пота се вмеша и политички фактор, се вмешаа можеби, дури и некакви странски фактори со поддршка, но се работеше за едно оригинално незадоволство на илјадници луѓе. Ним не им требаше некоја посебна оргиназација во тоа лежи убавината, затоа и остави толку силен впечаток бидејќи не го финансираше никој, луѓето сами доаѓаа“, изјави Сашо Орданоски на настанот на ЦИВИЛ по повод одбележување 5 години од Шарената револуција.
Илијев: Го осудувам секое насилство и непочитување на законите
„На 8 април на Меѓународниот ден на Ромите сакавме да поставиме камен темелник за отпочнување на изградба на типски куќи каде е планирано да се сместат сите 24 семејства кои живеат во Старата касарна во Кочани и уште неколку други семејства кои се социјално загрозени, без разлика на нивната етничка припадност. Меѓутоа, на 7 април добивме писмо од непознати нарачатели преку кое бевме известени дека локалните жители на Трајаново Трло нема да дозволат да се изгради до нив нова населба. На 8 април жителите на Трајаново трло организираа мирен протест, но на протестот беше истакнат и транспарент „Само преку нас мртви“ кое јас го осудувам и тоа не треба да ја отсликува сликата за соживотот во Кочани“, изјави Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев.