ЦИВИЛ продолжува со серијалот „Зад димната завеса“, денеска, 19 мај, со почеток во 13:30 часот. Тема на панел дискусијата е „Дезинформациите и пропагандата во медиумите: Влијание на проруските наративи врз евроатлантската ориентација на Северна Македонија“.
На панелот ќе учествуваат комуникологот Бојан Кордалов и новинарката Јасмина Миронски. Модератор на дискусијата ќе биде Зоран Иванов.
Панел дискусијата е дел од проектот „Зад димната завеса“ со кој ЦИВИЛ спроведува медиумска и граѓанска акција против дезинформациите и пропагандата. Проектот се фокусира на странската, антизападна пропаганда преку мониторинг, анализи и обелоденување на дезинформациите и пропагандата за критични теми, како што е агресијата врз Украина, евроатлантските интеграции и други процеси од круцијално значење за нашата земја.
Критичните процеси за земјата се мета на долготрајна пропаганда од истите, меѓусебно поврзани центри. Тие имаат една заедничка цел – поткопување на владеењето на правото, демократијата, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Со овој проект, ЦИВИЛ ќе преземе серија сеопфатни активности да се спротивстави на тие тенденции.
Дискусијата ќе се емитува во живо, на онлајн каналите на ЦИВИЛ, Фејсбук и Јутуб.
Дисклејмер: Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите / авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.