Амбасадорот Самуел Жбогар, шеф на делегацијата на Европската унија и германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер, утре (вторник, 7 февруари) ќе го посетат Прилеп во рамките на кампањата „ЕУ за вас“.
Кампањата започна на 27 јануари во Кичево, со цел да ја зголеми свесноста и да ги информира граѓаните за улогата на ЕУ во Македонија. Како една од првите теми на кампањата која ќе патува низ целата земја, е борбата против загадувањето и обезбедување на чиста животна средина за сите.
Во Прилеп, ЕУ обезбеди финансирање на околу 21,5 милиони евра за изградба на пречистителна станица за отпадни води, за рехабилитација и за проширување на канализационата мрежа. Овој проект се спроведува во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Прилеп и Јавното комунално претпријатие Водовод и канализација – Прилеп.
Целокупната помош на Европската унија во областа на животната средина во Македонија, брои повеќе од 80 милиони евра во рамките на ИПА I (2007-2013), додека се очекува натамошна поддршка од 100 милиони евра во рамки на следната финансиска распределба на ИПА II.