Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи ќе ја отвори националната трилатерална конференција насловена „Евроинтеграциите на Македонија и иднината на Европската унија“, што ќе се одржи денеска во Скопје.
Како што соопшти СЕП, конференцијата претставува соработка меѓу Секретаријатот за европски прашања и Центарот за европски стратегии – ЕУРОТИНК, и е дел од проектот „Механизам на граѓански организации за ИПА2“, финансиски поддржан од Европската унија, а се одржува по повод објавувањето на новата Стратегија за проширување на Западен Балкан.
Според агендата, Османи пред невладините организации ќе ја презентира Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година.
На конференцијата ќе се дискутираат и шесте ударни иницијативи на новата Веродостојна стратегија за проширување на Западен Балкан, во соработка помеѓу владините и претставниците на граѓанското општество, кои ќе имаат можност да дискутираат и дадат заеднички заклучоци.
Целта на ИПА механизмот е да овозможи партиципативна демократија преку соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор.
извор: МИА
Содржините кои ЦИВИЛ ги презема од други извори не подлежат на лиценцата Creative Commons 1.0, инаку вообичаена за содржините кои ги објавува оваа медиумска платформа. Ве молиме, консултирајте се со изворот за преземање на таквите содржини