Биљана Јордановска – ЦИВИЛ на панел дискусијата на тема национализам и дискриминација на локално ниво говори за првичните резултати од истражувањето на ЦИВИЛ во овие области, како и за други теми и настани.
„Како дел од проектот „Чекор напред кон мултикултурно општество“, ЦИВИЛ имаше и една истражувачка компонента преку фокус групи, кои беа наменети претежно за прашања поврзани со младите, и нивните перцепции за мултикултурализмот, за меѓуверските и меѓуетничите односи, како и за европските вредности. И се разбира, во тој контекст да се види колку тие имаат познавање и знаење за она што е исто така компонента во нашиот проект, а тоа е стратегијата „Едно општество за сите“, односно, нашата појдовна точка е да дадеме некои препораки кои би се извлекле од овие истражувачки компоненти, односно од анализите од ова истражување.
Спроведовме две фокус групи, фокусирани токму на младите, но со различен состав. Имаше и помлади и постари учесници, различни по своите верски убедувања, од различни националности. Можам да кажам дека добивме навистина интересни резултати, барем од она што е досега обработено. Инаку, се одговараше на четири групи прашања.
Јордановска посочи дека на прашањето поставено во фокус групите, кој ги мотивира децата и младите да ги мразат другите етнички заедници, според одговорите на учесниците, сепак мотивацијата доаѓа од семејствата.
На прашањето дали национализмот највеќе се забележува кај младите или кај повозрасните, Јордановска вели дека заклучокот од одговорите на учесниците е дека со национализам и националистички наративи се служат најчесто повозрасните, па според тоа младите неретко го преземаат овој начин на размислување како модел.
Д. Тахири
Камера и монтажа: Ариан Мехмети