Откако од утрово започна да се наплатува по 100 денари за возила, на новата најскапа патарина во земјава, на автопатот Демир Капија-Смоквица, веќе граѓан(к)ите почнаа да купуваат ваучери со попуст за патарини.
„До оваа идеја за ваучери со попуст за патарини, ни е инспирација од новата „Групер“ министерка, и сфативме дека луѓето имаат потреба од попусти (оти немаат пари) кога ќе патуваат низ нашите (авто)патишта“, вели сопственикот на порталот „КадСеВозимо“, кој засега сака да остане анонимен.
Тој истакна дека попустите се парични, со ваучер од „КадСеВозимо“ наместо 100 денари, ќе се плати 99 денари, и башка што ќе може да си врати дел од парите преку апликацвијата „МојДДВ“. Исто така и за секое 100-то патување, патарината е гратис!
„Но, тоа не е сè, ако некој патриот му покаже на патариничарот фотографија од некоја грчка плажа дека се фотографирал со знамето на Кутлеш, или со цела воена опрема на Александар Македонски или со парола „Солун е наш“, како примерот на битолчанецот Менгеле, тој ќе помине без да плати“, вели тој.
Сопственикот додава дека сака да биде инспирација за младите да не ја напуштаат државата, дека и во Македонија човек може да успее, само треба да има добра идеа и иновација и да ја претвори во бизнис.
„Немам некои посебни афинитети во животот, но ако оваа идеја со попустите на патарините – стане бренд, никогаш не се знае дека некој ден, власта ќе ме препознае дека имам капацитет и ќе ме постави за министер за Транспорт и врски“, нагласи сопственикот на „КадСеВозимо“.
Дотогаш, вози Мишко!
Вин Дизел
Оградување, одбрана и заштита: Ова е козерија. Секоја сличност на овој текст со реалноста е (не)намерна.