Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за една телевизија, обвини дека членови на партијата се прислушувани во изминатиот период и дека во УБК е отворено досие под името „Македонски екстремизам и тероризам“. Тој истакна дека такви досиеја за урнисување на партијата се воделе во комунизмот и во деведесетите против ВМРО-ДПМНЕ, како што се случаите „Темел“ и „Сина птица“.
Од Министерството за внатрешни работи за ЦИВИЛ Медиа велат дека следењето на комуникациите во Министерството за внатрешни работи се врши во согласност со законските процедури, со наредба од суд преку Јавното обвинителство.
„Нелегалното масовно прислушување, главната одлика на владеењето на Никола Груевски, е предмет на истрага на Специјалното јавно обвинителство. Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Бирото за јавна безбедност (БЈБ) постапуваат во согласност со своите надлежности и нивните активности во форма на оперативни акции и обработки во борбата против организираниот криминал, тероризмот, насилниот екстремизам и другите облици на противзаконско однесување, се од доверлива природа и не се коментираат јавно. Работата на овие служби е насочена кон штитење на интересите и на безбедноста на граѓаните и не се под контрола на ниту една политичка партија“, велат од МВР.
Оттаму потсетуваат дека во Собранието постојат две комисии чија функција е да вршат надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање (АР) и над примената на посебните истражни мерки (ПИМ).
Меѓутоа, останува отворено прашањето за кое не добивме одговор од МВР, како е можно лидер на партија да знае за досие на тајните служби?
Дехран Муратов