Актуелната дискусија во Собранието за уставните промени, ги наметна прашањата за изјавата на премиерот Зоран Заев и неговата понудена рака за помирување кон опозицијата, дали ќе се изгласаат уставните промени со двотретинско мнозинство и што може да се очекува доколку има предвремени парламентарни избори.
На овие прашања разговаравме со професорот Јове Кекеновски.
„Факт е дека постојат притисоци врз пратениците и од едната и од другата страна, но слушавме и одредени дисонантни тонови на одделни пратеници преку нивни постави што не кореспондираат со ставот на партијата… ова ќе биде период кога очигледно уште притисок ќе се врши, така што постои сè како опција. Јас сум непријатно изненаден токму со барањето за помирување, но тоа не треба да биде алузија дека ќе има амнестија за случувањата од 27 март или април, како и да беше“, изјави Кекеновски.
Тој истакна дека неговиот став е против Договорот со Грција за името и дека тој никако не може да биде основа за менување на Устав.
„Со самото тоа дека две третини не дале согласност со менување на Уставот, јасно кажува дека таа една третина не може да влијае на донесувањето на сите понатамошни постапки… Уште пострашно е што референдумот беше консултативен, а не обврзувачки. Согласно Уставот и законот за едно вакво прашање мораше да биде задолжителен референдум. Тоа беше само еден начин да се направи отстапка во случај на неисполнување на условот. Впрочем тие во старт рекоа дека без разлика каков и да биде консултативниот референдум постапката продолжува понатаму. Тоа беше една обична игра за граѓаните со цел да се запази формата, а не содржината“, рече Кекеновски.
Тој смета дека доколку се оди на избори отворени се сите опции и дека оние партии што го подржуваа бојкотот доколку настапат заеднички сигурно дека ќе имаат поголем успех на претстојните избори.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски