Тамам ќе си рече човек, еве, кампањата е при крај, остануваат само уште неколку дена предизборно лудило, па шансите да ве изненади некоја изјава или ветување се сведени на минимум, и повторно – шок!
Добро де, не е дека сме премногу изненадени од изјавата на Груевски дека тие размислуваат „десет години однапред“, ама искрено, колкумина од вас се така малку како потресени од оваа изјава, знаејќи што ни смислија однапред за изминатите десет години?
Кога на ваквата изјава на лидерот, ќе се надоврзе муабетот на Елвис Бајрам, дека наспроти паролата на СДСМ дека доаѓа живот, а животот не е дојден, и тоа во општината која неговото ценето семејство ја окупира како лична своина веќе со децении, да не знае човек дали да плаче или да се смее.
Рака на срце, овој пат, на синоќешниот митинг во Шутка, барем односот кон Ромите го искачија на едно скалило погоре, на својот пиедестал. Па наместо, како дворски шутови на сцена, беа прикажани како жртви. истепани жртви! Со мала доза на параноја и хистерија, повикувајќи ги Ромите да гласаат за него затоа што истото им ним ќе им се случи „доколку другите дојдат на власт“.
Сериозно? Чекајте малку… А што е со оние кои со години ги „влечеа за уши“, се сеќаваа на нив само во екот на предизборието и ги користеа, и за жал, сè уште ги користат единствено за „валканите, цигански работи“?
Дури и по шеснаесет дена од предизборната кампања, искрено не ми е јасно што прават партиите од албанскиот блок, а не е дека не се обидувам да ги сфатам. Довчерашните „партнери во криминал“ се најжестоки противници, едните тонат, а другите се држат за сламката наречена албанско гласачко тело.
Па ДУИ ги обвинува Беса за коалиција со ВМРО. Кандидатката на СДСМ, во Арачиново, „нусето“ што ќе донесе живот за сите, на своите потенцијални гласачи – Албанци, им се обрати на македонски јазик, во духот на двојазичноста, де! Не дека некој нема да ја разбере, ама многу ме интересира поентата!
Се прашувам, не ли им е така, малку срам да ветуваат исполнување на ветената програма, со изветвени градоначалници, кои со прст не мрднале во претходните мандати? Како, на пример, Фатмир Дехари, кој синоќа повторно ја доби поддршката од Ахмети во Кичево.
Премиерот Заев, пак, како да подзаборави на долгогодишното раководење со својата општина. Тој пред струмичани додаде дека завршува времето кога централната власт, била маќеа за Струмица. Не знам за вас, ама јас се потзасркнав… Кој е овде луд?
Тука отприлика, ќе се одјавам од оваа рубрика посветена на предизборната кампања, бидејќи деновите се намалуваат и редот ми поминува. Но, со задоволство ви ги најавувам прегледите на моите колешки и колеги наредните денови, сè до предизборниот молк.
Ви посакувам помалку изненадувања, помалку празни ветувања и повеќе реализирани проекти. Мирен изборен процес и надеж дека на некои наредни избори, во не така далечна иднина, ќе победат граѓаните на оваа земја. Сите до еден!
Маја Ивановска