Во прифатилиштето за бездомни лица во „Чичино Село“ во периодот 2009/10 година невладината организација „Амбрела“ во заедничка соработка со Мисијата на ОБСЕ откриле злоупотреба на малолетно лице.
„За жал, некаде во тетовските села во заедничка акција на МВР, ние како невладин сектор и Мисијата на ОБСЕ, пронајдовме 15 годишна Ромка. Во тој период во „Чичино село“ имаше околу 30 семејства кои беа дислоцирани во детското одморалиште во Љубанци. Денес условите во „Чичино село“ се подобрени, нема проблеми, меѓутоа ќе оставиме времето да покаже“, вели за ЦИВИЛ Медиа, Љатифе Шиковска од „Амбрела“.
Таа додава дека од периодот 2009/10 година никој не е фатен и не одговарал за злоупотреба и трговија со деца.
„За жал и тогаш, а и сега ситуацијата е таква каква што е. Јас се надевам дека денес надлежните институции, особено МВР, МТСП и Јавниот обвинител сериозно ќе се зафатат со овој проблем и тие кои не одговорале, не само да се повикаат на одговорност туку и кривично да одговараат, за кого и да станува збор“ е децидна Шиковска.
Таа го повикува Министерството за труд и социјална политика сериозно да размисли за транформација на одредени јавни институции, како што се „26 Мај“, и „Ранка Милановиќ“.
„Ако се вратиме години наназад ќе видиме дека овој дел на системот кој се однесува на грижа и одговорност кон децата е целосно распаднат. Имам впечаток дека сега треба повторно да почнеме од нула, но никогаш не е доцна да се почне, сè со цел навистина децата да бидат безбедни и згрижени, особено ако се работи за државни институции“, истакна Шиковска.
Дехран Муратов