Проф. д-р Стево Пендаровски, професор на Американ Колеџ во Скопје и поранешен претседател на Северна Македонија, е добро познат како долгогодишен застапник на демократските вредности и критичар на авторитарните тенденции. Во својата богата кариера, тој ги испитува сложените динамики на современите општества и нивните предизвици.
Во ексклузивно интервју за ЦивилМедиа, Пендаровски отворено говори за кризата на демократијата, за влијанијата од Истокот, особено од Кремљ и Пекинг, и за улогата на Европската Унија. Разговаравме за ранливоста на демократските институции пред хибридните закани и за тоа како авторитарните тенденции наоѓаат плодна почва дури и во формалните демократии. Со својата проникливост и искуство, тој понуди уникатна перспектива за потребата од едукативни реформи и зајакнување на критичкото размислување како основа за заштита на демократските вредности.
Ова интервју е дел од активностите на ЦИВИЛ во пресрет на големата меѓународна конференција „Одбрана на демократијата и човековите права пред лицето на војна, национализам и авторитаризам“ (Скопје, 11-12 декември 2024) и ќе влезе во состав на публикацијата со анализи и пркатични препораки што ќе бидат доставени до сите носители на одлуки и креатори на политики и практики во земјата, регионот и светот.
ЏАБИР ДЕРАЛА / ЦИВИЛ МЕДИА: Кои се причините за подемот на крајната десница, популизмот и национализмот во Европа?
СТЕВО ПЕНДАРОВСКИ: Гледам дека последниве години аналитичариве долж континентов се бават со тие причинско-последователни односи, меѓутоа се задржуваат само на последните неколку години. Јас мислам дека причините за порастот на растот на крајната десница и национализмот во Европа треба да ги бараме децении наназад.
Значи, сосема накратко. Да потсетам на еден значаен момент во оваа насока, според мене, можеби најзначен, кога за прв пат на јавна сцена на Европскиот континент избива практично национализмот на прв план. Тоа се неуспешните референдуми за Европскиот устав во 2004-2005 година во Франција и во Холандија. Гледајте, некој ќе рече каква врска има тоа сè што било пред точно 20 години со ова денес. Меѓутоа, тогаш Франција решава да тргне по политиката Франција прво, ова што го гледаме последниве 7-8-10 години во Америка. Холандија, која е со децении, не со години, пример за мултикултурализам во Европа и пошироко – го одбиваат Европскиот устав, кој заговара уште поголеми политички интеграции, не само економски.
Денес, каква е состојбата во тие две држави? Денес во Франција имаме единечна партија која е далеку најсилна, на Марин Ле Пен. Две години од сега има председателски избори и тоа е новата нормала за Франција. Никому не му е чудно што Марин Ле Пен – ако судот таму не каже нешто друго, ако не и евентуално и забрани да се кандидира – може да биде фаворит на тие председателски избори. Значи од пред 20 години, да ја наречам грубо, црната овца на европската политика, националистичка, ксенофобична, антиевропска, сега доаѓа да биде, и тоа нема никаква врска со Макрон, во однос на целокупното политичко милје и амбиент во денешна Франција, тоа е доминантна политика, не фигура, политика и концепт.
А во Холандија, европскиот, јас би рекол и светскиот шампион во мултикултурализам, денес, таа држава е предводена од партијата на Герт Вилдерс. Освен што има 30% најмалку од холандското избирачко тело, фрапантно, третина гласаа за тој фашист. Холандската влада денес е предводена од тој човек, од тие луѓе, неговата партија. Неколку други настани кои во тоа време покажаа дека Европа се движи кон таа несакана насока, според мене, е големата светска економска криза, осма, деветта, која почна во Америка, но многу повеќе се прекрши во Европа, отколку во Америка.
Паметите, сите напори што беа насочени кон спасување на грчката економија, во тоа време беа затекнати со класично одбивање од доминантен број на грчкиот народ. Мислејќи дека богатите во Европа ќе ќарат, размислуваа да го напуштат еврото, да се вратат на драхмата, и остана и ден-денеска чувството, не само во Грција, и во неколку други држави кои беа погодени посебно од таа криза, Италија, Шпанија, Португалија, на прво место, остана чувството дека големите држави во Европа, ќарија повеќе од таа криза, на сметка на грбот на помалите држави.
Што е заклучокот во политичка смисла? Ако е тоа така, во Европа не ќе да е сите сме еднакви – тогаш дајте да видиме прво националните економии и политики на прво место, а дури потоа проевропските или паневропските политики.
И на крајот, мислам дека трет настан. Во зацврстување на овие тенденции за кои ме прашувате, беше мигрантската криза, 2015-та и 2016-та. Ова што европските аналитичари, дури и овие што се од либералниот дел на политичкиот спектар, не сакаат да го споменуваат, меѓутоа е факт. Европа е направена како доминантно бел христијански клуб.
Ден денеска, најголемиот број во Европа, така ја доживуваат Европа, направена во 1957 година. Меѓутоа, таа тогашна Европска економска заедница со оваа денешна Европа нема никаква врска. Демографијата е многу променета.
Меѓутоа, реакцијата на таа стара Европа, да ја наречам од демографска смисла, беше запрепастувачка за сите демократии во светот во однос на мигрантската криза. Значи, тука се водеа, знаете, невидени битки кој колку да преземе, колку да не преземе од тие наречени квоти на мигранти кои бараа спас од војните на Блискиот Исток, пред сé, од Сирија.
Гледајте една потврда, би сакал да бидам директен во таа насока со аргументацијата, да не одам околу, бидејќи така најдобро ќе дојдеме и до евентуални решенија за проблемот кој постои. Гледајте ја реакцијата на Европејците, доминантна бројка, независно во која држава живеат, во однос на сириските бегалци и во однос на украинските бегалци од руската инвазија во таа држава. Во тоа време немаше ниту една европска држава која со голем ентузијазам ги прифаќаше сириските бегалци, затоа што не беа како нив. Дали сте чуле во денешна Европа последниве 2,5, еве 3 години од руската инвазија на Украина, дека воопшто некој го потегнал прашањето за квоти за украинските бегалци? Не.
Затоа што ги смета за слични на себе. Затоа што мислат дека тоа е Европа од пред 50-60 години. Според проценките на Меѓународната организација за миграција, во овој момент, во Европа, има најмалку 2,5 до 3 пати повеќе украински бегалци во Европа, во Европска унија, отколку што има сириски бегалци во истата таа унија.
Меѓутоа, реакцијата на Европа во доминантен дел беше сосема различна во однос на украинските бегалци, наспрема овие кои доаѓаат од Блискиот Исток, и беа со поинаква вера, религија, односно етникум. Во тоа се гледа дека Европа, за жал, во последниве неколку години особено, на едно видливо ниво, ја тера политиката Европа прво, па сите други понатаму.
И сега, да дојдеме до нашиот регион, апсолутно е невозможно Западниот Балкан, во кој сме и ние дел, да биде имун на тие тенденции, бидејќи е јасно дека ние во географска смисла, делумно и во историска смисла, сме биле дел и сме дел од Европа.
Ние немаме на Западниот Балкан, во Македонија посебно, автохтони демократски мемории, институционална меморија, бидејќи никогаш во животот не сме живееле во демократски систем пред 1991 година. Од 1991 година до денес се обидуваме во ова формална демократија да направиме некаков исчекор, меѓутоа тоа е прекраток временски период за некаков значаен фундаментален исчекор во градење на демократско општество.
Затоа мораме да учиме од Европа, и последниве десетина години, отприлика, учиме од оваа Европа. Тие трендови што доаѓаат се лепат кај нас многу побрзо. Ако тоа може да се налепи како тренд во една Холандија, во една Германија, во една Франција, што останува за западнобалканските држави, кои реков имаат прекусо демократско паметење за самите со локални, автономни политички сили да изградат демократски општества.
ЦИВИЛ МЕДИА: Во тој контекст, демократиите во земјите на Западен Балкан се извонредно ранливи, еве и како рефлексија на европските трендови кои траат со децении да кажеме, а секако во последно време, но и еден изворен, да го наречам, потенцијал за радикални крајно десничарски, популистички и националистички тенденции, авторитарни над сé, во Западен Балкан. Како ја оценувате вие состојбата на Западен Балкан во овој контекст, на трендовите во Европа, во светот, меѓутоа и изворните капацитети развиени во авторитарни тенденции во Западен Балкан, имајќи предвид, особено, дека еден дел од земјите на Западен Балкан со децении наназад имаат авторитарни режими?
ПЕНДАРОВСКИ: Видете, ако погледнеме – разговарам со една помлада генерација, дел од моите студенти на факултет – околу 1990-тите, кои се формативни години за сите нас, сите овие држави кои се обидуваат да почнат нешто во реална демократска смисла, да изградат нешто во реална демократска смисла, малкумина знаат, не само затоа што е поминато многу време, дека и во 1990-тите, значи сé до 1998-1999 година, ова што е денес Западен Балкан не поминува толку добро во проценките и во извештаите на Фридом Хаус, пример, околу демократските параметри. И постојат неколку извештаи, имено за нас, за Македонија, кои велат дека и во 1990-тите ние сме хибриден режим.
Е сега, мојата теза секогаш била, иако многу од моите колеги ширум Балканот тоа не сакаа да го слушнат, дека единствената држава на Западниот Балкан, која има неколку демократски исчекори неспорно направено во пост-комунизмот, тоа сме ние. Во однос на кохабитацијата на различните етникуми, во микро траги или во помала мерка и пред рамковниот договор, по 2001 година, особено. Тоа не е Босна, другите не ги ни спомнувам.
Босна која беше пример за таков тип на соживот, во еден поинаков идеолошки амбиент во поранешна Југославија, по 1991 година влезе строго во тие три националистички трла и тука некаква интеракција нема, освен кај што се мора, и тоа со помош на тие губернатори кои доаѓаат од надвор според Дејтонскиот договор.
Ние имаме неколку значајни исчекори по 2001 година, и јас тврдам дека имено заради тоа, неполни 3,5-4 години по внатрешниот конфликт кој го имавме во 2001 година, Европска Унија ни даде кандидатски статус. Заради успешна имплементација на Рамковниот договор, неспорно. Значи, од ова крупно албанско малцинство, како го нарекуваме, кое беше само 2.4% во нашите институции застапено до таа година, денес е 21%.
Тоа бара многу политичка волја, на страна ресурси, да се случи таква инклузија. Меѓутоа, ние последни и почнавме да ги копираме овие лоши европски, па да не кажам и американски тенденции, затоа што, практично, отпорноста на самата суштина на општеството не беше на толку високо ниво. Да гледате како Европската унија, која 20 па и повеќе години, за нас е светилник на крајот на тунелот, кон кој сакаме да одиме и да бидеме дел од тој демократски клуб, е сѐ помалку демократска, во принцип, или во просек.
Америка, во која се колнеме не знам колку години и децении, и со право, последниве десет години, влегува, исто така, во една класична изолационистичка политика, вели прво ние, па сите останати, и воопшто не зборува за извозот на демократските вредности, колку и да е контроверзен тој поим особено методите со кои тоа беше извезувано „порано“.
Меѓутоа, вие немате надворешни репери, внатре ние немаме, реков пред 1991 никакво демократско искуство, затоа што претходно сме биле република во состав на Федерална Југославија, а Федерална Југославија никогаш не беше демократски ентитет. Беше монопартиска држава со култна личност итн. Тоа не беше социјализам или комунизам од типот на Источна Германија, Бугарија, Албанија, Енвер Хоџа или Романија на Чаушеску, ама тоа беше недемократски систем. Ние во тоа време, за помладиве генерации да споменам, немавме поим околу основните, не знаевме ништо, за основните демократски категории.
Ние во тој систем имавме принцип на единство на системот, сега ова што го нарекуваме три гранки на власта, секоја независна една од друга и секоја има checks and balances спрема секоја друга, меѓутоа, има автономија во својата област.
Во тоа време, постои единство на власт. Тоа е социјалистичка сопственост која ни денес не можеш да ја дефинираш на еден рационален начин во однос на параметрите на либералната демократија. И одеднаш се прави таков културолошки, не само политички, крш во главите на секој од нас, особено оние кои се повозрасни, и тие не можат да се адаптираат на новиот систем.
Да ви кажам еден куриозитет кој не знам дали некој некогаш сум го споменал во јавност. Првиот политички спот во оваа држава е снимен 1994 година. Ние до 1994 година, не сме имале потреба да снимаме политички спотови, бидејќи немаше политичка компетиција меѓу повеќе опции на изборите до тој момент, до 1991 година. А од 1991 година до 1994 година немавме автономни сили тоа да го направиме, и 1994 година првите политички спотови ги снимаа фирма од Белград – за двете главни политички опции кои излегуваат на изборите.
И сега ние зборуваме, тоа е фракција од времето кој е потребно за демократска консолидација. Надворешните примери исчезнуваат или бледнеат, внатре вие немате историјат, на пример, како балтичките држави, чии што први претседатели и премиери беа скоро без исклучок претходно дисиденти, дојдоа од Канада, од Америка, од Германија, и го преземаа кормилото на тие бивши комунистички држави, и живееја во капитализмот, го знаеја тој систем, на човекови права, на медиумски слободи и така натаму. Ние и тоа го немавме, бидејќи нашата политичка елита, која владееше по 90-тите, и ден денес, се остатоци или рецидиви од тој систем.
Знаеш што, не ме чуди што и ние полека загазивме на таа патека, која не е добра за една мултиетничка држава и општество како што сме ние, меѓутоа, долго време се опиравме, така да кажам, направивме неколку значајни политички исчекори, во таа смисла. Меѓутоа, за жал, трендовите и нас нѐ поклопија, и ова што се случува последниве месеци, можам да го илустрирам, да речеме, иако не сакам да навлегувам во дневна политика, со резултатите од последните парламентарни избори. Околу три четвртини од гласовите кои беа дадени, во делот на етничките Македонци зборувам, беа за националистички партии. И за партии кои ги добија изборите практично на антиевропска агенда.
Тоа не се случило никогаш од 1991 до денес, ама никогаш. Значи, денес ако направите еден краток осврт, или фрлите само еден поглед на политичката сцена во Македонија, – албанската политичката сцена има поинаква динамика, и тука има се разбира и националистички напливи, меѓутоа и етничка агенда – ова што се случува во македонскиот дел е уникум, затоа што денешната политичка сцена во етничкиот македонски дел е понационалистичка отколку во 90-тите.
И тоа не зборува добро за перспективите, во случај ако се продолжи по оваа патека и ако не се вратиме на изворната, демократско изворната, проевропска агенда.
ЦИВИЛ МЕДИА: Двојните стандарди, бавноста, бирократијата на Брисел, сето тоа ја направи Европската унија и вредностите, фундаменталните вредности на кои почива Европска унија – без оглед на практиките и на авторитарните тенденции, или на сето тоа што ја одликува Европа денес или Европска унија денес – ја направија ранлива и во поглед на влијанијата и на хибридните закани од Истокот. Впрочем, центри од Истокот и ги финансираат, барем делумно, крајно-десничарските слоеви, односно, ентитети во Европска унија, кои се во подем. Како ја оценувате улогата на европските институции и воопшто на општествата во земјите членки на Европска Унија, во контекст на ранливоста или отвореноста кон влијанијата од Истокот, пред сé, тука мислам на Кремљ, и се разбира и на Пекинг, но пред сé на Кремљ?
ПЕНДАРОВСКИ: Јас би го поделил тоа на два слоја, ака така можам да кажам, тие негативни влијанија кои доаѓаат, пред сé, од Руската Федерација, и од авторитарни режими, во кои, се разбира Руската Федерација зазема доминантно место во денешниот свет. Би го поделил на безбедносниот слој, тој тип на пропаганда, која оди низ медиумите и би го поделил на политичките влијанија. Мислам дека до сега не сме го правеле тоа на таков начин – сакам да го расчленам за да покажам дека динамиката на навлегување на тие лоши или недемократски практики на наша територија започнува прво во безбедносниот дел, за жал, последниве години ни доаѓа и во политичкиот дел.
Во безбедносниот дел, ние тука имавме огромна помош од НАТО Алијансата, каде што станавме полноправна членка 2020 година, и влеговме комплетно без било какво ограничување во тој информативен систем во кој се делат и споделуваат чувствителни информации. И во тој дел можам да кажам дека ние сме држава која има најмногу протерани таканаречени руски дипломати во изминативе 3-4 години. Значи, базирано на работата на нашите служби, базирано на тоа што партнерските служби ни го даваат, се разбира. Тука Европа е незаобиколен дел, затоа што знаете дека членството во ЕУ и во НАТО се поклопува во над 90%. Многу големи европски држави ни пружија помош преко НАТО членството во тој дел. Мислам дека тука прилично добро се спротивставувавме и одолевавме, да кажам, на тој тип на пенетрација.
Она што мене ме загрижува последниве неколку години, последнава година-две, е тоа што, за жал, политичките тенденции од тие авторитарни режими почнуваат да фаќаат корен и овде. И вие имате, сé повеќе и повеќе, не само млади луѓе кои велат – го видовме експериментот со демократијата, тоа не е демократија, тоа е хаос, тоа секој може да прави што сака. Така ја поимаат, за жал. Тоа е една вкоренета перцепција веќе, и таа перцепција се должи на тоа што сите ние, повеќе или помалку политички генерации, не испорачавме во демократска смисла како што треба од 1991 до денес – меѓутоа таа е перцепцијата – сега треба да се обидеме со цврста рака.
Концептот на цврста рака на владеење е диктаторски концепт, без дилеми. Денес, ако ги прашате граѓаните Република Северна Македонија, ќе ви кажат дека тоа е веројатно единствениот излез од ова хаотична ситуација во која се наоѓа целиот свет. Кога ќе им кажете дека треба во демократските институции долго да преговарате, дека тоа чини пари и ресурси и, пред сé, време – времето како ресурс конечно е најважен – тие велат немаме ние толку време за губење, дајте да го удриме, да го решиме тоа со удирање на маса, било кој проблем.
Со удирање на маса, нема демократија во светот. И за жал, демократските примери и за оваа пропаганда која доаѓа низ лажните вести кои ни станаа секојдневие во изминативе осум до десет години, тие практично диктираат како треба да се однесуваме и во политичкото поле.
Бев дел и од неколку истражувања на таа тема, кои ги прашуваше луѓето околу нивните преференции во однос на тоа како треба да се делува и наспроти овие што се дневни предизвици. И се запрепастив од бројката. Околу 70% од сите прашања од тие истражувања, велат дека демократијата е експеримент кој не успеал секаде во светот. Велат, гледајте ја Америка, гледајте ја Русија, гледајте ја Кина, или велат што ѝ фали на Кина, со тој еднопартиски систем, ене ја една економска велесила и така натаму. Не гледајќи зад параванот, зад таа фасада, дека таму има конц-логори, дека има луѓе кои страдаат, немаат слобода на движење, дека нема никаква слобода на медиуми, дека интернет не постои во многу од тие држави, или постои локален интернет кој им продуцира локална верзија на вистината, што постојат нивни специфични животи во кои тие живеат, кои се во едно огромно стаклено ѕвоно, луѓето не патуваат надвор. Последниот случај може да го видите, единствените севернокорејци кои патуваат, кои излегле надвор од државата, државата во која граѓаните не поседуваат патни исправи, е во војната во Украина и ги носат како топовско месо на украинскиот фронт.
И луѓето повторно се фасцинирани, значен дел од нив, од таквите примери. Многу е тешко да им кажете дека треба да биде поинаку, затоа што тие, за жал, во ова, не море, туку океан од лажни вести, таква политичка пропаганда и тие дезинформациони кампањи, тие ги гледаат, им остануваат, им одѕвонуваат во ушите само негативните примери. Вие немате денеска позитивен пример во кој ќе речете, на пример, таа и таа држава им дала повеќе права на некому, или таму луѓето се задоволни од животот што го имаат. А такви примери има. Меѓутоа, тие ги даваат само овие примери кај што, еве демократијата пропадна – Еве каде е Америка. Ова ли е Европа кон која сакаме да одиме?
Една локална специфика за нас е тоа што Европа која долго време објективно нѐ занемарува поради икс причини во однос на нашето приклучување кон Унијата, е перципирана последниви три години и низ таканаречена бугарска призма. Вели, ако е ова организацијата во која треба да се приклучуваме, а овие толерираат вакво недемократско однесување и однесување кое не приличи на нација, на народ, на држава во XXI век, вели – не благодарам, подобро да не бидеме таму. Пробувам да кажам дека тој тип на блокади кои ги имавме, особено последнава блокада од Бугарија, ги сруши за многу, позитивните перцепции околу Европската унија, кај многу еврофили, да не зборувам за останатите кои ги има и ги имало секој пат доста во нашата држава.
ЦИВИЛ МЕДИА: Кои се вашите препораки за прогресивните сили во Европа и во светот?
ПЕНДАРОВСКИ: Многу е тешко да дадете препорака која би била куса и која би била апликативна веднаш, бидејќи таква работа не постои. Јас мислам дека клучната работа која демократиите, особено на Балканот, формалните демократии, ја заборавија – е образовниот систем. Од најмали нозе, ти мораш да ги учиш дечињава, дека мора да коегзистираат со оние што имаат различна боја на кожа, различна вера, различна нација, различен пол, да ги толерираш до максимум сите тие разлики кои го прават богатството во едно демократско општество, не во авторитарно, се разбира.
Ако тоа не го фатиме од почетокот, од прво одделение, да не кажам и од градинка, и ако не ги учиме на критичко размислување, пет пати да проверуваат нешто што виделе на овие модерни гаџети што секој ги има при рака од најмали години, тоа е најдобриот начин утре да изградите една личност која ќе може навистина критички да се однесува и кон уставно кажано своите, и кон останатите. Да не дојдеме во ситуација, како што направи сега скоро една држава, да забрани пристап на интернет за деца до 16 години. Не мислам дека тоа е добар начин да им браниш една работа.
Треба да им кажеш кои се предностите и маните на тоа што им е на дофат на рака. И за тоа треба, се разбира, концепт, за тоа треба системски пристап, и не само кај нас. Овие стари демократии, како што ги нарекуваме, ова што сега се случува во дел од нив, зборувам за Америка и за клучни европски држави, е само аберација од демократијата, тоа се само искокнување од демократските шини. Тие повторно ќе се вратат, не на она што било порано, бидејќи со тек на времето вие мора да се прилагодувате на демократските форми низ кои тоа го аплицирате. Меѓутоа, не можам да видам дека воопшто во светот последниве децении се појави алтернативна форма на либералната демократија, со сите нејзини мани, зборувам за алтернативен систем, не поодделна пракса – не можам да видам каде тоа се појавило, па дај да го копираме тоа. Ова што е сега во Кина, тоа што беше во 1979 година во Иран со таа нивна таканаречена револуција, тоа не се, овие авторитарни режими и илибералните демократии – тоа не е алтернатива. Тоа не е добро, не за мене и за вас лично, тоа не е добро за благосостојбата на луѓето, а секако не е добро за светскиот мир и безбедност.
ЦИВИЛ МЕДИА: Имено познато е и од науката дека демократските држави се просперитетни, и во економска смисла на зборот. Посебен е примерот на Кина, која на сметка на жестока експлоатација на локалното население е богата држава и е некаков економски фактор во светот, но населението во најголем дел живее во беда, страв и репресија. Како и да е, со сето ова кажано, можеби наивно ќе звучи прашањето, но – каде се движи Северна Македонија?
ПЕНДАРОВСКИ: Ние не можеме да бидеме исклучок од регионалните и од глобалните трендови. Знаете, просто е невозможно, дури и да сте една Швајцарија која има три-четири века стабилност, мир, просперитет, без стресови на живеење итн. Значи, не може да бидете изолиран остров во тој океан, ако е водата е премногу бранувана околу вас. Значи, јас се надевам дека овие истакнати демократски примери во светот ќе се вратат на демократската патека, повторно ќе бидат пример за сите луѓе кои ја сакаат демократијата и пред сé, слободата на индивидуата. Инаку, не можам да видам како ние со самостојни, со домашни сили и капацитети можеме да станеме демократија. Впрочем, да можевме, немаше да бараме да бидеме во Европска унија.
Ние не одевме – јас тоа сум го објаснувал на не знам колку собири со граѓани, контакти, со луѓе на улица, било каде – ние не баравме да бидеме и не бараме сега да бидеме членка на Европска Унија за да ги користиме европските фондови, пари да ни даваат, а ние да не работиме. Ние бараме да ги усвоиме принципите врз основа на кои тие општества се организирале, се организирани и се просперитетни еве неколку векови наназад. Тоа го бараме.
Како една Германија може да има така една организирана, да речеме, администрација. Како Норвешка може да има, велат, најдобри граѓански регистри, евиденции во светот. Како можат судовите во Велика Британија да бидат навистина независни. Како можат медиумите во Америка да бидат апсолутно независни од една или друга политичка партија. Мене тоа ме интересира.
Ние не одиме таму за кеш да ни даваат и да нѐ хранат од први до први. Така што, само на таков начин и да бидам искрен, немам преголема верба во домашната политичка елита, во која јас сум бил дел, мислам дека треба и од надвор да дојде еден поттик. Да не звучи сега како излитена фраза – бидејќи 45 години живеевме во бивша Југославија, кога работничката класа наводно беше на власт – но јас мислам дека треба да почнеме да го повторуваме и да го живееме тој нов слоган и модификација на таа фраза околу пролетерите. Мислам дека треба сега да постои слоган: Демократи од целиот свет, обединете се.
Џабир Дерала
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Биљана Јордановска
Транскрипција: Наташа Цветковска