УТРИНСКИ КОЛУМНИ
Дали Мицкоски и новата „коалиција“ имаат мнозинство од 61 за фамозниот четврток? Како што стојат во моментот работите – сите опции се отворени, иако тешко остварливи.
И тоа не е само поради тврдењето за измама и јавното одбивање на пратеникот Скендер Реџепи – Зејд од Алтернатива, неговиот потпис да стои до тој на Апасиев. Кај партиите на Албанците и тој дел на јавноста постои голема дебата за неспоивоста на „коалицијата“, најмногу поради фактот што Левица на Апасиев долго време негува антиалбанска реторика и политики, а самиот тој во блиското минато упатил и тешки навреди до сите овие партии, со чии претставници седеше на иста маса во петокот, читајте ја колумната „После четвртокот….доаѓа петок!“ на Петрит Сарачини во MIDNIGHT EXPRESS.
Нервозни денови на политичката сцена. Мицкоски не се осмели да се соочи со јавноста, па го пушти неговиот потпретседател да се „бори“ со медиумите. Навистина, со добар изговор, потпретседателот на десничарската ДПМНЕ, Николоски, е пратеник и самиот, а иницијативата за гласање недоверба на владата се поднесува во парламентот. Иако отсуството на шефот од тој значаен политички чин не може да се протолкува поинаку, освен како нервоза и несигурност во исходот, пишува Џабир Дерала во новиот едиторијал „ Тешките задачи пред Зоран Заев “
Неговата матична партија, со целото сегашно негово „второешалонско“ раководство во неа, никогаш не собра храброст јасно и гласно да се дистанцира од Груевски. Само како папагали повторуваат дека тој период за нив е „минато“. Па, минато е и времето на фашизмот, па нема повоен германски канцелар кој не клекнал – до денеска! – по разни подови да се извини за злоделата на тој ужасен режим. Не, не, не е Груевски Хитлер, ама никој и не бара Мицкоски вчера/денеска да клекнува за извинување – доволно ќе беше јасно и „математички прецизно“ да го оквалификува режимот на неговиот покровител како недемократски и опресивен, барем со една третина од зборовите и квалификациите со кои секојдневно ја опсипува оваа власт којашто се обидува сега да ја урне. Како што, впрочем, клекнуваше на митинзи пред „народот“, ветувајќи му враќање на власт на партијата што тој ја предводи, по „милоста“ на Груевски.читајте во новата колумна на Сашо Орданоски „ Три години од бегството на Груевски… “.
ЦИВИЛ со осуда на секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин
ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, која во континуитет спроведува мониторинг на општествените и политичките процеси, како и на дезинформациите и говорот на омразата. Организацијата остро го осудува секој облик на креирање и ширење дезинформации и омраза по било која основа и на било кој начин.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да пријавуваат дезинформации и говор на омразата преку онлајн Граѓанска пријава, како и во директна комуникација со организацијата.
ВАЖНИ НАЈАВИ И АКТИВНОСТИ НА ЦИВИЛ
МОНИТОРИНГ на www.civilmedia.mk за да се информираат навремено за сите активности во кои има простор за нивно учество.
ПРОДУКЦИЈА Тимот на ЦИВИЛ и Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА ќе имаат голем број средби и интервјуа со кандидатките и кандидатите на локалните избори.
АНГАЖМАН ЦИВИЛ е отворен за соработка и за ангажирање на новинар(к)и и асистент(к)и на проекти – до крајот на декември. Потребно е да се испрати биографија и мотивациско писмо на [email protected].
НАСТАНИ
ВЛАДА: Владата, според најавите, денеска на седница треба да прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор за да се вбризгаат буџетски средства директно во енергетските компании. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека ќе и се предложи на Владата да прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор, како и дека има средства за да се интервенира, а во зависност од тоа колкави се потребите на енергетските компании, толку средства ќе бидат пренасочени директно од Буџетот.
ФИНАНСИИ: Во Народната банка денеска ќе се одржи редовна тематска прес-конференција за најновите макроекономски проекции.Макроекономските проекции од најновиот Квартален извештај на Народната банка ќе ги презентира гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска.
ФОРУМ: На Земјоделскиот институт во Скопје денеска ќе се одржи Форум за адаптација кон климатските промени и можности за стартап бизниси во земјоделството. Форумот е дел од активностите што се организираат во рамки на проектот „EIT Food Start-Up Awareness Event”, финансиран од единицата на Европскиот институт за иновации и технологии (EIT Food), којa, пак, е поддржанa од ЕУ.
КУЛТУРА: Дваесеттото издание на „OFFest“ започнува денеска, а ќе трае до 13 ноември. Како што информираат од Скопскиот џез фестивал, сеќавањата на делото на големата португалска пејачка легенда Амалиа Родригез ќе бидат оживеани со настапот на извонредното дуо „Лина и Раул Рефри“, кое испорачува модерно и надградено фадо, музика што ги надминува географските одредници, како и со проекцијата на документарниот филм „The Art of Amalia“, посветен на култната кралица на фадото.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев